Милошоски тврди дека Заев го деградира Димитров за името


Поранешниот шеф на дипломатијата Антонио Милошоски деновиве води своја политичка битка околу преговорите со Грција, која ќе имаше логика како континуитет на неговата политика во врска со спорот – да не е во интерес на Грција и на штета на преговарачката позиција на Македонија.

Милошоски вчера преку Фејсбук тврдеше дека премиерот Зоран Заев го деградира шефот на дипломатијата и наш преговарач Никола Димитров бидејќи под притисок на свој странски советник ги задоволува барањата на Грција таму каде што Атина смета дека аргументите на Димитров се тврдоглавост.

„Зошто еден советник на Заев е поважен во преговорите за името од Димитров?!“, прашува Милошоски тврдејќи дека преговорите во Њујорк влегле во ќор-сокак, бидејќи министерот инсистирал на името „Република Илинденска Македонија“, како единствен достоинствен предлог за кој тој лично е подготвен да лобира за ерга омнес и менување на Уставот, додека за секоја друга одредница ја застапува двојната формула, без ерга омнес и без измена на Уставот.

„Грчката делегација ова го оценила како националистичка тврдоглавост и кажала дека со таков став преговорите губат смисла. За да не пропаднат преговорите, Нимиц дал пауза за консултации со премиерите. Но, бидејќи Грците го претпоставувале ставот на Димит ров, еден ден порано веќе стапиле во контакт со близок советник на Заев, контроверзна политичка фигура и агент на една држава членка НАТО, близок пријател на Вице и Трајче Заеви, за кој се говори дека има свој посед и бизнис во Грција, како и дека е близок со Алексис Ципрас и со неколку негови битни соработници“, тврди Милошоски додавајќи дека советникот го предупредил Заев дека министерот Димитров ризикува да ги упропасти преговорите.

„Главната поента на советникот била дека принципите на Димитров како министер не се поважни од кариерата на Заев како премиер. Заев бил потсетен дека за него и советникот и некои други битни странци знаат работи што не би било добро да ги дознае јавноста“, пишува Милошоски додавајќи дека Заев потоа му наложил на министерот да ја изработи рамката, а името, принципот ерга омнес и Уставот да му ги остави нему да ги решава на премиерско ниво.

„Преку овој советник и агент одела организацијата на телефонскиот разговор Заев – Ципрас во кој првиот имал обврска да одбере меѓу ‘Нова’, ‘Горна’ и ‘Северна Македонија’, а за националност јасно му било ставено до знаење дека не може да биде „Macedonian“, како што е сега запишано во Обединетите нации“, тврди Милошоски.

Од Владата не сакаат да го коментираат пишувањето на Милошоски освен дека е комплетна невистина.

Во политички кругови го препознаваат Зоран Башановиќ во семоќниот советник, иако целосно не одговара на описот бидејќи е Србин и еден период беше близок до Александар Вучиќ, а сега му е советник за економски прашања на премиерот Заев. Останува дилемата во чиј интерес одработува Милошоски и дали разоткрива или всушност поттикнува раздор во Владата, правејќи го Димитров неприфатлив преговарач.

Такво нешто тврдеше неодамна и еден грчки медиум, нарекувајќи го нашиот преговарач тврд и националист. Проценката е дека Милошоски најверојатно одработува за себе, позиционирајќи се потврдо во однос на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во битката за превласт во партијата.

(Н.В.)