Милошоски: „Министер на СДСМ го опструира изборот на членови на ДИК“


Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, обвинува дека владејачкото мнозинство планира да го опструира изборот на нови членови на ДИК.

Тој објави на Фејсбук дека министер од редовите на СДСМ се јавил на неколку пратеници и побарал тие да гласаат против одлуката за комплетирање на ДИК, пратениците од владејачкото мнозинство да ја симнат точката од дневен ред или СДСМ и ДУИ да ја поместат точката за ДИК подолу и пред таа да дојде на ред седницата да се прекине и да се одолговлекува нејзиното презакажување.

„Објаснувањата дека се преговара со опозицијата за Изборниот законик и ДИК се бледи изговори, бидејќи Изборниот законик е широка материја која опфаќа многу прашања, за чие усогласување се потребни неколку месеци. А комплетирањето на ДИК е законска обврска сега и не се коси со било какво усогласување на Законот во иднина“, пишува Милошоски.

Тој, пред неколку седмици, предложи Собранието да распише оглас за комплетирање на составот на ДИК, по оставките што ги поднесоа осум од вкупно девет членови, поради скандалот со со високите надоместоци за спроведувањето на последните изборни циклуси. Според Милошоски, претставници на владејачките партии се изјасниле дека предлогот за комплетирање е законски, коректен и дека ќе го поддржат, со оглед на веќе пробиените рокови за комплетирање на ДИК. Истото го потврдило и раководството на ВМРО-ДПМНЕ, но во меѓувреме, според Милошоски, нешто се сменило.

За избор на членовите на ДИК е потребно дветретинско мнозинство, а ВМРО-ДПМНЕ прелага двајца члена што значи дека опозицијата, која го бојкотира парламентот, би морала да се вклучи во процесот. За одлуката за распишување оглас, пак, е потребно обично мнозинство, така што таа би можела да биде донесена и без опозициските пратеници.
Предлогот на Милошоски, при утврдувањето на дневниот ред на денешната пленарна собраниска седница, е поместен како седумнаеста од вкупно 22 точки.