Милка Ефтимова, примадона: Дамата на сцена е дама и во животот
Примадоната Милка Ефтимова (82), алт и мецосопран певица, доајен на Македонската опера и редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, иако од 2000 година е во пензија, не мирува. Дава приватни часови по соло-пеење, како гледач редовно ги посетува оперските премиери, а актуелна е со подготовката на библиографијата за признанијата и наградите во текот на богатата кариера.
Ја паметиме по прекрасната улога на Кармен, која ѝ донесе и регионална слава и по прекрасниот глас што останува наше културно и духовно наследство и безвременска вредност и радост на нашето поднебје.
Во 1961 година првпат застанала на сцената на оперскиот театар. Првата улога ѝ била Ацучена во Вердиевиот „Трубадур“, а од оперската сцена јубилејно се простила со Кармен во 1991 година. Таа ѝ била 157. претстава.
Ефтимова и во деветтата деценија изгледа отмено, не излегува надвор недотерана и без шминка, а меморијата ѝ работи како швајцарски часовник.
– Ми недостигаат сцената, публиката, никогаш нема да ги заборавам настапите ширум Европа, Америка и во Македонија, само на „Охридско лето“ настапував дваесет пати… Улогите во „Трубадур“, „Бал под маски“, „Мадам Батерфлај“, „Евгениј Оњегин“, „Кавалерија Рустикана“, „Кнез Игор“, „Фауст“, „Кармен“, по која најмногу ме препознаваат. Од нас се очекуваше улогите да ги пееме во оригинал, на италијански, германски или француски јазик – вели Ефтимова.
Вие сте една од првите дами, пионери на Македонската опера. Како се носевте со таа тежина?
– Живеете и творите на сцената. Таа љубов поткрепена со деноноќна работа и труд на изведбата на улогите, гласовна, стилска и актерска вежба, голема самопожртвуваност и откажување од удопствата на светот. Голема дисциплина што ќе те направи професионалец од светски рамки.
Единаесет години бевте солист на операта во Љубљана. Колку тоа влијаеше на вашиот сценски и личен стилски раст?
– Повеќе фактори придонесоа за тој стилски израз. Посебно на почетокот на кариерата, морав да бидам послушна, желна за учење од искусните профили, да бидам флексибилна во своите ставови, да ги учам потребите и барањата на сцената, а подоцна во текот на кариерата тој раст повторно продолжи, но веќе како заедница на стекнати искуства, како стил на однесување самиот се инкорпорираше во улогата која требаше да ја остварам, како природна појава.
По што ќе го паметите тој период?
– Одлучив да ја прифатам многупати упатуваната покана од страна на Љубљанската опера и веќе од септември 1967 година бев првенка на оваа куќа. Таму бев постојано на настапи. Во Љубљана направив многу улоги, дури 17 премиерни. Грофицата во „Пикова дама“ на Петар Илич Чајковски, Кабаниха во Катја Кабанова на Леош Јаначек, Aрлента во Крунисувањето на Помпеја на Клаудио Монтеверди. Хата во комедијата „Продадена невеста“ на Берджих Сметана и мајка Јела во мелодрамата „Еквинокциј“ на Марјан Козина.
Од Љубљана се вратив во 1978 година во Скопје како првенка на операта при МНТ.
Италија ја имате особено при срце.
– Да. Во 1966 година заминав на специјализација како стипендист на Владата на Република Македонија во Италија во Санта Чичилија во Рим. Италијанска влада ми додели двомесечна стипендија за престој во Сиена, на Академијата Киџијана каде што продолжив да работам концертно пеење. Во септември 1966 година познатиот „Месаџеро“ напиша – „Милка Ефтимова, пејачка со убава боја на гласот што навистина одговара на мецосопранот, глас што толку многу се бара од нашите оперски куќи“.
Од сите кандидати меѓу најдобрите бев јас и една Американка. Добив награда за сценски настап. Таму бевме три месеци како најдобри изведувачи. Бев избрана да учествувам во серија настапи кои ја претставуваат академијата во Санта Чичилија солистички, но и со оркестар. Римските рецензенти ја истакнаа мојата сензибилност, музикалноста, стилската диференцираност или силата на мецовокалите. За кратко време имав 21 настап.
Колку оперската уметност придонесе за сензуалноста на вашите постапки?
– Тие префинети особини човек пред сè ги има како дар од Бога, а потоа кога стануваш свесен за тие вредности треба да ги искористиш максимално. Кај мене лично многу помогна соработката со врвни интернационални оперски и воопшто уметнички имиња, каде што желбата да бидеш подеднакво успешен те тера да развиеш грациозен импулс. Никогаш нема да ја заборав соработката со големиот диригент Ловро фон Матачиќ, како член и солист на хорот на Словенечката филхармонија со кого настапив во Виена. Матачиќ самоиницијативно работеше со мене врз партитурата на Кармен толкувајќи низа музички и психолошки детали за овој лик. Непосредно по концертот во Виена ми понуди ангажман со операта „Кармен“ во Франкфурт, со убедување дека во кусо време ми претстои блескава кариера. Ама бидејќи бев стипендист на скопската опера, во налет на чувства на одговорност и на инсистирање на Скалоски и на Кочко, есента во 1961 година станав солист на Операта при Македонскиот народен театар во Скопје.
Имавте низа прекрасни оперски остварувања, но најмногу ве паметат по улогата на Кармен. Дали таа страсна улога вистински ве освои?
– Насекаде во светот бев барана токму поради изведбата на таа улога. Севкупната моја лична појава и онаа на Кармен критиката своевремено ја оцени како идеална идентификација во убавината, ставата, гласот, глумата, темпераментот. За да се случи таква совршена претстава, мора да се има комплетен стилски и севкупен склоп и мислам дека сепак за мојата перфекција во таа улога на Кармен многу голем удел има човекот со кој ја работев и подготвував, а тоа е славниот диригент Ловро Матичиќ.
Своевремено бевте модна икона. Што беше тајната за вашата идеална комбинација?
– Немаше тајна, едноставно секогаш настојував да бидам дама и на сцената и надвор од неа. Никогаш не си дозволив да изгледам или да направам нешто што не одговараше на мојот позив и работа. Така бев воспитана уште во својот родителски дом каде што многу се негуваа културните вредности.
Сама си бевте стилист или секогаш се придржувавте на модните совети?
– Креациите најчесто беа моја приватна работа, но нормално понекогаш добивав и модни совети и секако ги применував. Никогаш не сум одбивала стручно мислење. Во однос на фактот дека целата моја палета на фустани, тоалети беа правени по нарачка, секогаш беа правени по мој избор и замисла зашто знаев што ми прилега и што ќе одговара за конкретниот настан. Секогаш го имав визуализирано моделот.
Како професор на Музичката академија, колку инсистиравте да научат студентите за важноста на сценската елеганција на оперскиот уметник?
– Едноставно ги учевме основните гласовни и стилски техники, сценско однесување што подразбира адекватно држење на сцената, познавање на јазикот на кој се остварува улогата, континуирана соработка со режисерот, сценографот, костимографот, корепетиторот и колегите. Мора да се инсистира на таа елегантна појава која ќе шармира со изгледот, изведбата и со глумата за да има ефект.
До ден денешен изгледате како вистинска оперска примадона. Како успевате да се одржите во одлична форма?
– Постојана самоконтрола и грижа за своето здравје. Јас тоа го постигнав со самосвест за правилна исхрана, кондициска подготвеност, физички вежби, како и неделни третмани на лицето и телото за подобар изглед. Пред секој настап одбегнував дружење од типот на комуникација зашто ги штедев гласилките, како и соодветен одмор за да може да се издржи темпото од три и повеќе часа на сцена.
Организиравте модна ревија во Скопје и во родниот Радовиш со вашите модни парчиња, вечерни тоалети од настапите. За колкава бројка на модни комбинации станува збор?
– Станува збор некаде за бројка од околу педесетина парчиња концертни тоалети кои беа специјално подготвувани за секој оперски настап поединечно, буквално една цела дизајнерска колекција поседувам, а сигурно уште толку ако не и повеќе приватни парчиња костими и фустани.
Од 2006 година вие добивате спомен-поставка во вашиот роден град Радовиш. Изложбен салон со ваши костими и гостувања. Што беше идејата на ваквиот долговечен проект?
– Првенствено идејата беше да оставам нешто на моите сограѓани и на моето родно место Радовиш, да им се оддолжам за љубовта и поддршката што ми ја даваа додека настапував по светот. За нивната верна посветеност на моето дело.
Лејла Сабит
Фото: Драган Перковски и приватна архива