Милан заинтересиран за 35-годишниот Кваљарела


Италијанскиот фудбалски клуб Милан ја разгледува можноста во јануарскиот преоден рок во своите редови да го донесе напаѓачот на Сампдорија, Фабио Кваљарела, тврди „Спорт Медиасет“.
Според медиумот, „росонерите“ бараат искусен напаѓач пред зимата и веќе разговарале со агентот на играчот, Бепе Ботцо.
Прва варијанта за „росонерите“ беше Златан Ибрахимовиќ, но 37-годишниот Швеѓанец нема намера да игра на „Сан Сиро“ и ќе остане во Л.А.Галакси.
Триесет и петгодишниот Кваљарела постигна осум гола и има пет асистенции во Серија „А“ од почетокот на сезоната. Од Милан се надеваат да потпишат договор со него за шест месеци, со опција за останување уште една сезона.