Миланка Рашиќ, ТВ-автор и продуцент : „Оскарите“ се врвен настан и најголем предизвик


Миланка Рашиќ, ТВ-автор и продуцент, и оваа година ќе биде коментатор на доделувањето на филмските награди „Оскар“, во ексклузивниот директен пренос на ТВ „Сител“, в недела, 4 март. Телевизиските права за емитување на преносот во Македонија и оваа година ги откупи агенцијата на Миланка Рашиќ, „Миракс“.

Церемонијата на доделување на најпрестижните филмски награди во светот ќе се одржи во театарот „Долби“ во Центарот „Холивуд и Хајланд“ во Лос Анџелес, а водител ќе биде популарниот ТВ-водител и комичар, Џими Кимел. Настанот ќе го пренесуваат преку 225 држави во светот.

– Оскаровското шоу годинава се одржува по 90. пат и поради големиот јубилеј се очекува незаборавен настан на кој ќе присуствуваат најзначајните имиња на седмата уметност во оскаровската историја, сите живи филмски легенди! Членовите на Американската академија на филмски уметности и науки ќе ги наградат најдобрите филмови за 2017 година, а милионската публика ќе ужива и во фантастично ТВ-шоу. Ме восхитува бескрајната креативност на сценаристите и убавината на овој настан кој го слави филмот на најгламурозен начин – вели Миланка.

– Одамна посакувам номинација на македонски филм во категоријата најдобар странски филм, кој ќе го повтори успехот на Милчо Манчевски и „Пред дождот“, се надевам дека во иднина ќе имаме пак можност да се гордееме.

Какво е искуството со откупување на ТВ-правата за „Оскарите“ во однос на минатите години?

– Мојата соработка со компанијата „Дизни“ е одлична, презадоволна сум од нивната професионалност и прецизност. Но, кога станува збор за пласирањето на овој ТВ-настан во Македонија, станува сѐ потешко. Со години телевизиите се заинтересирани само за политички емисии и турски серии. Драго ми е што им помина модата барем на реалните шоуа. Несфатливо ми е телевизиите да немаат интерес за емитување на најзначајните музички настани, како доделување „Греми“ или Британски музички награди итн. Порано ги откупував правата за емитување на фестивалот „Санремо“, за наградите „Греми“ и многу други настани. Сега едноставно нема простор за договор со телевизиите. Драго ми е што доделувањето на „Оскарите“ си има своја публика кај нас и со години се емитува преносот во Македонија. Седма година соработуваме со ТВ „Сител“. Имам многу обврски кои траат по неколку месеци секоја година, од купувањето права, потпишување договори со компанијата „Дизни“, потоа со ТВ „Сител“, обезбедување спонзори, па техничка реализација, подготовка на преносот, до коментирање на шоуто во живо. Но се надевам дека многумина уживаат во шоуто до рано наутро.

Имаш огромно искуство како коментатор на многубројни фестивали и настани. Кој ТВ-настан би го издвоила како најзначаен?

– Сум ги коментирала најзначајните филмски, музички и танцови манифестации, од фестивалите во Кан, Берлин и Венеција, Европските филмски награди, „Златни глобуси“, преку „Греми“, „Санремо“, „Евровизија“, Американските филмски награди, МТВ музичките награди, Мис на светот, Мис на Европа, до светски танцови првенства. Но за мене доделувањето на „Оскарите“ е врвен настан и најголем предизвик! Би го издвоила и како сериозна задача коментирањето на погребната церемонија на принцезата Дајана, за која имав малку време да се подготвам, но не се плашев зашто знам многу за британската историја, традиција и култура, знаев како се ословуваат членовите на кралското семејство и внимавав на сите правила. Најтешко ми беше да ги тргнам емоциите настрана.

За нашата ТВ-публика твоето име е долго време асоцијација за коментатор не само за „Оскарите“, туку и за „Евровизија“, како и за сите фестивали и манифестации што ги спомна. Во што се разликуваат сите овие настани?

– Во концептот. На пример, „Санремо“ е фестивал кој трае 5 вечери, тече полежерно, без брзање, има 4 начини на гласање, има повеќе натпреварувачки селекции како „Ѕвезди“, „Нови имиња“ итн. Секоја вечер трае повеќе од 4 часа и е замислена како ТВ-шоу во кое гостуваат и светски музички ѕвезди по натпреварувачкиот дел. Сме правеле пренос од финалната вечер. За секој фестивал, прво мора да ги знаеш сите правила кои се менуваат постојано, и за натпреварот и за гласањето. Евровизискиот фестивал има многу поконцизен концепт. Имаш околу 30 секунди меѓу две песни да го претставиш следниот изведувач. Ако си во салата, каде што се одржува фестивалот, за мене е најважно да доловиш каква е атмосферата, што е најново, што се случува зад сцената, како се подготвува македонскиот претставник во моментот, значи да споделиш ексклузивни информации, зашто сѐ друго сите можат да си прочитаат на интернет. Како проект, најобемен е преносот од доделување на „Оскарите“. Оскаровското шоу трае околу три и пол часа, но целата програма „Ноќ на Оскарите“, која започнува со специјална емисија, црвената патека и одбројување до „Оскарите“ со интервјуа со ѕвездите, трае повеќе од седум часа. Секоја година има измени во сценариото и презентерите до последен момент, па дури и во текот на шоуто, менуваат многу нешта. Лани беше полн погодок на продуцентите идејата на почеток да не се појави водителот, туку да се почне со изведба на Џастин Тимберлејк во публиката. Штета што сѐ што беше одлично падна во сенка на несреќната грешка со ковертот на крајот и прогласувањето на погрешен филм за филм на годината. Сигурна сум дека такво нешто нема да се повтори и дека ова издание ќе биде незаборавно.

Кои оскаровски моменти ги паметиш како посебни?

– Има многу! Моментот на чиста радост, кога „Оскарот“ за странски филм го доби Роберто Бенињи и се качи на столчето, почна да чекори по седиштата пред него, над главите на другите номинирани, насмеан од уво до уво! Кога Селин Дион ја пееше во живо насловната песна од „Титаник“, кога Лео Дикаприо конечно доби „Оскар“, потоа емотивниот говор на Хали Бери како прва црна добитничка на „Оскар“ во главна женска улога, изведбата на Комон и Џон Леџенд на песната „Глори“ од филмот „Селма“, како и моќниот настап на Лејди Гага со „Till it happens to you“ во 2016-та на која на сцената ѝ се придружија жртви на сексуално насилство. Фантастични беа и „Cirque du Soleil“ кои со кореографијата беа дел од филмските сцени. Сепак, најзначаен ми е моментот кога Џереми Ајронс ја прочита номинацијата за „Оскар“ на „Пред дождот“ за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје.

„Оскарите“ важат за најзначајна филмска награда во светски рамки, но посебно атрактивен момент е и модата на црвената патека. Колку е навистина важно која ѕвезда чија креација ќе носи?

– Секогаш велам, оскаровското шоу е и најголемо модно шоу на светот. Преку ноќ може да му донесе планетарна слава на непознат дизајнер, како што се случи со Ели Сааб. Откако Хали Бери го прими „Оскарот“ облечена во темно црвениот фустан со цветови, следното утро целиот моден свет знаеше за него! Модните куќи се натпреваруваат холивудските ѕвезди да им бидат заштитни лица. Џенифер Лоренс е лице на Диор. Блескава беше Џулијан Мур во белиот светкав фустан изработен лично од Карл Лагерфелд за „Шанел“ кога го доби „Оскарот“ за „И понатаму Алис“. Се памети кога Кејт Бланшет го освои првиот „Оскар“ во бледожолт фустан со бордо ремен на Валентино. Џулија Робертс исто носеше креација на Валентино кога го доби „Оскарот“ за „Ерин Брокович“. Бајковитите креации придонесуваат за гламурот на најблескавата филмска ноќ, а модата на „Оскарите“ ја диктира целата следна модна сезона!

Лејла Сабит