МЗ со проект за превентивни прегледи за рана дијагноза на деформитети на ′рбет кај деца


Министерството за здравство во соработка со Институтот за физикална медицина и рехабилитација и општините Карпош и Центар почна со реализација на заеднички проект за промоција на превентивна физичка активност кај деца со лошо држење на ‘рбет.

Во рамки на проектот, како што објави Министерството на својата веб страница, се предвидени прегледи на ′рбет кај децата од доктор физијатар и доколку се констатира деформитет на ′рбетот ќе бидат вклучени во Програмата „Вежби во базен“.

Вежбите ќе се спроведуваат под надзор од стручни лица, како што се дипломиран физиотерапевт и наставник по спорт, трипати неделно по еден час. Вежбите опфаќаат пливање во базен, како и контролни прегледи по спроведени 10 часа вежби во базен. Проектот се реализира со средства од Националната програма за јавно здравје за 2018 година, која е едногодишна програма финансирана од буџетот на РМ, посочуваат од Министерството.

Целта е да се направи рана дијагноза за деформитети на ′рбетот кај деца на училишна возраст од шесто до деветто одделение од училиштата во овие општини, и потоа со посебни вежби во базен водени од стручно лице да се коригира лошото држење на ′рбетот кај оваа возрасна популација на деца и да се создаде навика за натамошно практикување на истите вежби. Дополнително, Министерството, наведуваат оттаму, ги разгледува можностите за имплементација на проектот и во други општини низ државата.