На МЗТ Скопје ниту +19 не му е доволно да победи


Кошаркарите на МЗТ Скопје продолжуваат со очајните игри сезонава. Попладнево претрпеа 9. пораз во 11 коло на јадранската АБА лига. Во спортскиот центар „Јане Сандански“ подобар беше црногорски Морнар со 72 – 69, иако домаќинот водеше во текот на целиот меч, во 27. минута дури и со 19 разлика, но пресуди последната четвртина што тимот од Бар ја доби со 24-6. Не помогна ниту новиот тренер Жељко Лукаиќ, ниту навивачката група „Фемили“, која по пауза од 2.5 години се врати на трибините.Најефикасен во тимот на МЗТ Скопје беше Трајковски со 17 поени.

-Тешко е да се зборува по овој пораз. Изгубивме добиен натпревар. Имавме 18 загубени топки, тоа е голем број. И покрај се имавме шанса за победа. Тука сум кусо време, но се виде желба и енергија за победа. Имаше и периоди кога ги надигравме со добра игра. Мора да научиме да добиваме натпревари. Имавме желба и енергија, но немавме храброст. Немаше никому да му се откине главата, ако не се постигнеше кош изјави по натпреварот на прес-конференција новиот тренер Жељко Лукајиќ.

Македонскиот шампион е убедливо последен со само две победи сезонава и девет порази. Води Будуќност (10-1) пред Цедевита (8-3) и Црвена Звезда (8-2). Во следното коло МЗТ гостува кај Партизан, кој досега има пет победи и шест порази. Токму против белграѓани, „аеродромци“ ја забележаа една од двете победи.