Меј размислува за одлагање на гласањето за Договорот за Брегзит


Британската премиерка Тереза Меј разгледува можност за одлагање на гласањето во Парламентот во Лондон за Договорот за Брегзит, превидено за утре, во услови на ќорсокак во разговорите меѓу Велика Британија и ЕУ, тврди во денешното издание лондонски „Тајмс“.

Весникот наведува дека високи претставници на владејачката Конзервативна партија вршат притисок врз Меј да го одложи утрешното гласање, доколку не успее во последен момент да издејствува отстапки од Брисел.

Според весникот, конзервативните пратеници ја предупредиле Меј дека во сегашните услови Долниот дом на Парламнетот по вторпат ќе го отфрли Догвоорот за Брегзит, што нејзината Влада го постигна со Брисел лани во ноември.

„Тајмс“ наведува дека пратениците ја советувале Меј да го одложи гласањето и да понуди предлогот за Брегзитот, кој би бил прифатлив за конзервативците, со цел да се зачува единството на партијата и да се изврши притисок врз Брисел.

„Фајненшл Тајмс“, исто така, тврди дека Меј е под засилен притисок за одлагање на утрешното гласање.

Според весникот, Меј би можела  на пратениците да им понуди „условно гласање“ за Договорот заедно со измените во него што ги бара Лондон, наместо изјаснување за текстот усогласен со Брисел.

Двата весника важат за блиски до конзервативците.

Во меѓувреме, портпарол на британската Влада утрово изјави дека разговорите меѓу Лондон и Брисел за Договорот за Брегзит и натаму се во ќорсокак, но дека тие и натаму продолжуваат.

Главен спор во преговорите е одредбата за „ирската граница“, која предвидува статусот на границата меѓу членката на ЕУ, Република Ирска и британската покраина Северна Ирска да остане ист каков што е сега и за време на преодниот период по Брегзит, што би требало да трае до крајот на 2020 година, во кој треба да се најде конечно решение, односно таканаречениот „бекстоп“.

Бекстопот е заштитна мерка за „ирската граница“ преку која треба да се избегне враќање на тврдата граница на ирскиот остров. Со оглед на тоа дека ЕУ и Велика Британија не можат да преговараат за идното трговско партнерство додека не се усвои Договорот за британското истапување од ЕУ, двете страни се договорија да воведат „бекстоп“, кој може да биде активиран доколку двете страни во иднина не се договорат за трговските односи. Целта на овој механизам е да се заштити заедничкиот пазар на ЕУ и царинската унија, без притоа да мора да се воведе физичка граница меѓу Република Ирска и Северна Ирска.

Тврдокорните приврзаници на Брегзитот, пред се во редовите на Конзервативната партија на Меј, не се согласуваат со ваквата одредба во Договорот, бидејќи стравуваат дека со тоа Велика Британија би можела да остане „врзана за ЕУ, можеби и на неопределено време“,

По првото одбивање на Договорот од страна на Парламентот во Вестминстер во јануари годинава, лидерите на ЕУ ја отфрлија можноста за нови преговори за Брегзит, но сепак се согласија на разговори за допрецизирање на некои одредби и давање правни гаранции, со цел да се убедат британските пратеници да го поддржат договорениот документ.

Доколку пратениците повторно го отфрлат текстот, тогаш постојат две можности или Велика Британија да ја напушти Унијата на предвидениот датум без Договор, што би можело да предизвика потреси во самата земја, но и во ЕУ или пак Меј да побара одлагање на Брегзитот со цел да добие дополнително време за усогласување на условите за „разводот“ меѓу двете страни.

Во обраќањето во петокот Меј предупреди дека повтороното отфрлање на договорот би предизвикало „криза“.

– Поддржете го (Договорот) и Обединетото Кралство ќе ја напушти ЕУ. Отфрлете го и никој не знае што ќе се случи… (тогаш) можеби нема да ја напуштиме ЕУ со месеци. Би можеле да заминеме и без заштитните мерки што ги предвидува Договорот, а можеби и никогаш нема да ја напуштиме (ЕУ), им порача Меј на пратениците.

Под притисок на членови на нејзината Влада, Меј се согласи во случај Парламентот утре по вторпат да го отфрли Договорот, пратениците в среда да се изјаснат за можноста за Брегзит без договор, а доколку го одбијат и тоа, в четврток да гласаат за евентално одлагање на британското напуштање на Унијата, предвидено за 29 март.