Меј: Мигрантите од ЕУ нема да имаат посебни права во Британија по Брегзит


Британската премиерка Тереза Меј денеска соопшти дека по Брегзит, за граѓаните на државите на Европската унија ќе важат нови правила, доколку сакаат да се преселат во Велика Британија, при што нема да имаат посебен третман во споредба со мигрантите од која било друга држава.

– Кога ќе ја напуштиме ЕУ ќе воведеме имиграциски систем со кој веднаш и засекогаш ќе се стави крај на слободното движење на европските граѓани во Обединетото Кралство. Тоа ќе биде систем кој ќе биде заснован врз вештините на мигрантите, а не на нивното потекло, изјави Меј, најавувајќи дека Велика Британија ќе остане отворена за квалификувани мигранти од ЕУ кои сакаат да работат во земјата, но ќе го ограничи влезот на неквалификуваните работници.

Според изборната програма на британската Конзервативна партија од 2017 година, влезот на мигранти во Велика Британија треба да се намали на помалку од 100.000 луѓе годишно, што е значително помлаку споредено со 273.000, колку што се доселија во 2016 година.

Британскиот министер за внатрешни работи Саџид Џавид, пак, најави дека лицата кои сакаат да добијат британски пасош ќе мораат да покажат посветеност на „британските вредности“.

Тој изјави дека не зборува за познавање на британската историја и нема да има прашања за тоа која била шестата жена на Хенри Осми, но дека мигрантите ќе мора да покажат дека ги споделуваат демократските и прогресивните вредности на Велика Британија.

Меј воедно најави промени во законите за граѓанското партнерство, со што во иднина хомосексуалните двојки кои нема да сакаат да стапат во брак ќе ги имаат истите права како хетеросексуалните двојки кои долго време живееле во заедница.