Меј го откажа гласањето за Договорот за Брегзит во Парламентот


Британската премиерка Тереза Меј денеска соопшти дека решила да го откаже гласањето во Долниот дом на Парламентот во Лондон за Договорот за Брегзит, предвидено за утре, затоа што, според неа, документот „би бил одбиен со значително мнозинство“.

Таа додаде дека планира да отпатува за Брисел, за да ги усогласи поединечните прашања за „договорот“.

– Внимателно ги слушав мислењата во текот на трите дена расправа за договорот… Останува загриженоста поради одлуката за прашањето за границата. Договорот во овој облик Парламентот не би можел да го одобри, го одложувам неговото разгледување, истакна Меј.

Но, таа не наведе нов датум за гласање.

Меј најави дека в четврток ќе отпатува за Брисел, каде ќе разговара за некои одредби од договорот со лидерите на Унијата.

– Ќе им ја пренесам загриженоста на Парламентот на лидерите на ЕУ (поради условите на договорот)… вклучително и за пограничното прашање во Северна Ирска, посочи Меј.

Договорот, што претходно Меј го предложи, не доби поддршка од пратениците. Против него беа речиси две-третини од пратениците во во Долниот дом на Парламентот.