„Меѓаши“: Да се истражи претепувањето на ученичката во Неготино


Првата детска амбасада „Меѓаши“ во денешната пишана реакција во врска со претепувањето на ученичка во основно училиште „Гоце Делчев“ во Неготино бара Министерството за образование и наука да покрене истрага за овој настан, да утврди степен на одговорност и да се преземат мерки вакви случаи да не се повторат.

– Во дворот на ОУ „Гоце Делчев“ во Неготино две ученички брутално тепале и влечеле за коса нивна соученичка и тоа во присуство на други деца кои набљудувале и соучествувале. Не се важни причините за овој брутален чин, но застрашува фактот на неконтролирана агресија од страна на децата врз свои соученици, што е резултат пред се на затајување на воспитанието во семејството, а веднаш потоа и затајување на воспитно образовниот процес во училиштето, стои во реакцијата од „Меѓаши“.

Ова, како што истакнуваат, покажува дека не само ранливите категории деца се изложени на опасности, туку и децата во училиштата.

– Очекуваме Министерството за образование и наука т.е. министерката Рената Десковска да покрене истрага за овој настан, да утврди степен на одговорност и каде потфрлил целиот наставен кадар, дежурни наставници, педагози, психолози, кои треба да работат на превенција на насилството и мора да имаат постојан увид за тоа што се случува во училиштето и училишниот двор, се наведува во реакцијата од „Меѓаши“.

Оттаму апелираат до службите во МОН да ги ревидираат застарените правилници за регулирање на поведението на учениците и да разработат мерки за интервенција при инциденти на насилство во училиштата.

Детската амбасада Меѓаши повикува и на поголема одговорност на родителите и нивна активна улога во превенција на меѓуврсничкото насилство за да не се случи најлошото, а Државниот просветен инспекторат и МВР да го утврдат степенот на одговорност, со казни за сите сторители и соучесници.