„Метлата“ заигра во белиот дворец


Се одлучи ли новиот лидер на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски за продолжување на тврдата тактика „елиминирај па владеј“, наспроти неговите гласни навестувања дека новиот статут на партијата ќе придонесе за поголема демократизација? Во моментите на неодлучност во однос на позициите на партијата врзани за референдумот, кој ќе се одржи за само 40 дена, иритирачки за јавноста, но и за членството, по седницата на Извршниот комитет одржана во четвртокот, од белиот дворец протекоа информации дека заиграла метлата во партијата, каде што се разрешени повеќе од 15 потсекретари.
Во партиското соопштение по седницата нема никакви информации за смените во овој деликатен политички миг, освен дека се именувани седум претседатели на општински комитети, како и двајца нови членови на Централниот комитет, како и тоа дека ексминистерот за финансии, Трајко Славевски, ќе ја предводи Комисијата за систематизација на идеи и предлози за партиската програма.  На седницата на ИК, потпретседателот на партијата Владо Мисајловски бил именуван за координатор на сите градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, а членот на Извршниот комитет, Владимир Нелоски, за координатор на сите советнички групи на ВМРО-ДПМНЕ во општините.
Од ВМРО-ДПМНЕ вчера потврдија дека дел од потсекретарите се разрешени, но дека тоа не значи дека партијата ја загубила довербата во нив и дека нивните капацитети ќе бидат искористени во други сфери и полиња.
„Уште кога им беше дадена доверба, беше заеднички заклучено дека следува тест-период во кој ќе се видат перформансите, но и дали самите ќе се пронајдат во таа улога. Сега по поминувањето на тој период, се отиде со преструктурирање и засилување во одредени сегменти каде што беше заеднички констатирано дека постои потреба“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Извори од партијата потврдуваат дека разрешените потсекретари биле назначени пред краток период, нешто повеќе од три месеци, но велат дека е апсурдно да се зборува за некаков квалитативен тест на ангажираните, бидејќи во тој период, како што нагласуваат, тие воопшто не добиле конкретни задачи кои би требало да ги спроведат на терен. Немало, како што нагласуваат нашите соговорници, врз основа на што да се делат оценки и „црвени картони“. Дел од нашите соговорници веќе побарале список од разрешените секретари и образложение зошто тие биле сменети токму во овој период. Добиле, наводно, ветување дека ќе го добијат нареднава недела.
Токсичната чистка, како што ја нарекуваат, наводно е директна последица на разногласието во партијата околу претстојното плебисцитарно изјаснување и наводна пресметка со оние што се на линија на ЕУ и НАТО и кои даваат поддршка на референдумот. Меѓу разрешените има и поединци од т.н. реформско крило, кое Мицкоски веднаш по преземањето на партијата го вгради во раководните структури како свежа крв и помирувачки елемент, но според одредени информации, веќе немал толеранција за нивните „брзи јазици“ и изолирани јавни настапи.
Во моментите на неодлучност во однос на позициите на партијата врзани за референдумот кој ќе се одржи за само 40 дена, што е иритирачки за јавноста, но и за членството, расположението во партиската база е сменето во однос на она од пред неколку месеци.
„На почетокот кај општинските комитети доминираше хардкор ставот за бојкот на референдумот, но како што изминува времето, тој став е ублажен, па сега видливо е дека расположението оди во насока на поддршка на референдумското изјаснување“, велат нашите соговорници.
Смената на потсекретарите ја толкуваат како перфиден обид да се расчисти теренот и новоформираната екипа дискретно да се обиде да издејствува членството, сепак, да бојкотира и во случај раководството официјално да ги повика граѓаните по свое убедување да решат како ќе се однесуваат кон референдумот.
Ваквиот развој на настаните, за дел од политичките набљудувачи, претставува цврста порака од новото раководство за ненапуштање на утврдените линии од претходната раководна структура, која, според нив, и натаму е главниот двигател. Новиот лидер Мицкоски седна во фотелјата и тргна од самиот старт со „повредени коленици“ во, како што самиот рече, реализација на демократизацијата на партијата. Од тогаш па до денес за него провејува мислењето дека е „поранешен“ во својата партија.
„Очигледно е дека наметнатото раководство е во целосно заложништво на претходната партиска структура. Тоа негативно се одразува врз расположението кај членството, со што се оневозможува неопходната консолидација на партијата“, вели професорот и член на Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ, Јове Кекеновски.
Тој смета дека не било, ниту, пак, сега е сè така еднобојно во белиот дворец. „Ова што сега се случува е уште еден доказ за лажното единство и наводната монолитност во партијата за времето на владеењето на Никола Груевски. Врзното ткиво не беше идеологијата туку личниот интерес и стравот од раководство на партијата“, смета Кекеновски.
Разногласието и судирите што сега се случуваат во највисоките тела на партијата Кекеновски очекува да се пресликаат во наредниов период и меѓу пратениците кои, како што нагласува, за жал, сè уште се држат за партиските меници.
„Сè додека не се случи вистинска демократизација на партијата, таа не може да претставува кредибилен политички субјект во опозиција, а камоли да се врати на власт“, вели Кекеновски.
Наум Котевски