Мета: Посетата на Заев на Пустец показател за нова ера во билатералните односи


Албанскиот претседател Илир Мета во интервју за телевизија Корча, ја поздрави посетата на македонскиот премиер Зоран Заев на Пустец, нагласувајќи ја при тоа потребата за понатамошно унапредување на соработката со Македонија.

Според него, оваа посета е показател на една нова, многу попозитивна динамика во односите Албанија-Македонија.

– Овие посети на Пустец имаат големо значење и се силна порака за една нова ера во односите меѓу Албанија и Македонија. Друг пат нема и единствено преку соработка меѓу нашите земји ќе се зајакне мирот и хармонијата, ќе се создадат многу подобри услови за нашите граѓани независно од етничката припадност, бидејќи поинаку нашите земји ќе ги напуштат младите, кои сакаат можност да ја развиваат нивната способност и талент, изјави Мета, кој пред два дена престојуваше меѓу Македонците во Пустец.

Тој смета дека не е потребна конфликтна реторика или недостиг на одговорност од политичката елита.

Посочи дека многу верува и очекува и трилатералните односи Албанија-Македонја-Грција да забележат брза и одлична перспектива и оти од тоа ќе имаат придобивки Пустец, регионот на Преспа, Корча и Девол, односно меѓуграничните подрачја на овие три земји.

Премерот Заев, заедно со неговиот колега, албанскиот премиер Еди Рама, на 16. декември беше во посета на општина Пустец, откако претходниот ден владите на двете земји во Поградец ја одржаа првата заеднича седница.