Место електронски патарини, се вработуваат 74 нови инкасанти


Додека се чека инсталацијата на електронски систем за наплата на патарините, Јавното претпријатие за државни патишта објави оглас за вработување 93 работници на определено време, од кои 74 инкасанти на патарините. Според огласот, се работи за вработување на определено време од шест месеци, а освен инкасанти се бараат и хигиеничар, портир, советници, референти и раководители за контрола на сообраќај.

Според новиот директор на државното претпријатие за патишта огласот биле принудени да го распишат, бидејќи на претходно вработените, договорите на дело им завршиле пред Нова Година и има опасност патарините да останат без инкасанти.

-На 53 инкасанти пред Нова Година им истекоа договорите за работа. Не можевме да им ги продолжиме договорите, оти согласно законските решенија мора да има оглас. Според овој оглас времените вработувања се до 30 јуни. Бевме затекнати од состојбата бидејќи во програмата за работа на претпријатието за 2017 година не беа предвидени вработувања. Програмата не можевме да ја измeниме, а дополнително се усложнија работите и со роковите за локалните изизјави Китанов.

Според информациите од ЈП за државни патишта до крајот на годинава се очекува да заврши инсталацијата на системот за електронска наплата на патна такса на патарините вдолж Коридорот 10. Предвидено е да има отворен и затворен систем на патарините.

Инвестицијата за имплементација на електронскиот систем за патарини чини 18,7 милиони евра. Со новиот систем се предвидува комплетно електронска наплата преку бесконтактни смарт-картички и микробранови транспондери со кои возачите ќе можат да поминуваат со намалување на брзината на движење и без застанување.

Тоа значи дека нема да има никаква потреба од човечки фактор, односно вработени што ќе наплатуваат патарини, така што нема да бидат потребни ниту оние што сега работат како инкасанти на патарините.

Освен ова, предвидено е преместување, проширување и модернизација на наплатните рампи Петровец, Сопот, Отовица, Романовце и Градско, како и изградба на две нови наплатни рампи кај Демир Капија и Гевгелија
Јавното претпријатие за државни патишта има околу 295 редовно вработени лица.