Меси: Не сакам ни да размислувам за крај на кариерата


Ѕвездата на Барселона и репрезентацијата на Аргентина, Лионел Меси, зборуваше во интервју за ЕФЕ за својата иднина, Светското првенство во Русија и Шпанскиот шампионат.

Аргентинецот призна дека не сака да размислува за крајот на својата фудбалска кариера и се надева дека ќе освои уште некој трофеј со клубот, како и таков кој недостасува во неговата витрина

– Не знам колку години ми остануваат на теренот. Се надевам дека ќе се барем уште неколку. Желбата и ентузијазмот продолжуваат да растат со секој изминат ден и се уште постојат работи кои би сакал да ги постигнам – уште трофеи, повеќе голови … Токму сега се чувствувам многу добро, но не знам кога ќе ставам крај на кариерата. Се уште ми е рано да размислувам за тоа, а и освен тоа, се плашам дека овој ден навистина ќе дојде, изјави Меси.

Тој смета дека во шпанскиот шампионат има повеќе тимови кои се борат за титулата и тоа доведува до зголемување на квалитетот на ла Лига.

– Барса и Реал Мадрид обично се натпреваруваат за титулата секоја година, но Атлетико Мадрид ја освои пред неколку сезони. Секоја година има неколку тимови, кои се борат за трофејот и за место кое ќе им обезбеди учество во евротурнирите. Нивото на шампионатот станува се повисоко, коментира тој.

Лео зборуваше и за очекувањата на претстојното Светско првенство во Русија како и очекувањата за неговата Аргентина.

– Бразил, Германија и Шпанија се очигледно меѓу најдобрите тимови на Светското првенство, но има и многу други кои можат да ја освојат титулата. Нема да има лесни мечови. Аргентина одигра три финалиња во последниве години – Светското првенство во Бразил, и двапати за Копа Америка. Секако дека сакаме да станеме шампиони, но единствениот начин за да се случи тоа е, ако се бориме до крај. Ќе треба да одиме чекор по чекор. Се надевам дека ќе доживееме добри моменти, како во Бразил но и дека ќе имаме повеќе среќа овој пат, вели Аргентинецот.

Меси потоа ги посочи неговите фаворити за својување на титулата на Мундијалот.

– Шпанија беше одлична во квалификациите. „Фуријата“ е еден од кандидатите за титулата. Нивото на играчите е неверојатно. Русија ќе се бори до крај. Ако се соочиме со Шпанија во финалето, тоа ќе биде посебен меч. Живеам во Шпанија долго време и добро ги познавам играчите. Имам многу пријатели во шпанскиот национален тим. Се надевам дека ова ќе се случи, но јас сепак сакам Аргентина да ја освои титулата, сподели петкратниот освојувач на „Златната топка“.