Меркел: Потребна е стабилна влада


Германската канцеларка Ангела Меркел денеска изјави дека на земјата и е потребно што поскоро да добие стабилна влада, за да може да работи на реформирање на Европската унија и да одговори на неизвесните политички случувања во соседството.

Меркел најави дека ќе се сретне со раководството на Социјалдемократската партија на Германија (СПД), која во петокот хо промени ставот и остави отворена можност за коалицирање со конзервативната коалиција на Христијанско демократската унија и Христијанско социјалната унија (ЦДУ/ЦСУ) на Меркел.

По изборите во септември, на кои социјалдемократите го остварија својот најслаб изборен резултат по Втората светска војна, партискиот лидер Мартин Шулц најави дека партијата ќе ја раскине досегашната голема коалиција со ЦДУ и ќе премине во опозиција, но по неуспехот на Меркел да формира Влада со либералната Слободна демократска партија (ФДП) и со Зелените, СПД го смени својот став.

Раководството на ЦДУ доцна синоќа донесе одлука да продолжи со обидите за формирање „влада на големата коалиција“ со СПД, заклучувајќи дека коалицирањето со социјалдемократите е најдобро решение за излез од ќорсокакот во кој западна Германија.

– Решителни сме во ставот да имаме ефикасна влада. Ние цврсто веруваме дека такво решение не е малцинска влада, туку коалиција што ќе има парламентарно мнозинство, изјави по состанокот еден од лидерите на ЦДУ и премиер на покраината Шлезвиг-Холштајн, Даниел Гинтер.

Евенталната нова голема коалиција со СПД претходно ја поддржа и лидерот на ЦСУ, Хорст Зехофер.

– Коалиција на конзервативците и СПД е најдобра опција за Германија. Таа во секој случај е подобра од коалиција со ФДП и Зелените, нови избори или малцинска влада, изјави Зехофер за „Билд“.

Според анкетата на агенцијата „Емнид“, чии резултати беа објавени денеска, дури 52 отсто од Германците поддржуваат формирање на голема коалиција.