Меркел доаѓа со охрабрување


Германската канцеларка Ангела Меркел денеска е во прва официјална посета на Македонија. Симболично, Меркел доаѓа токму на денот на одбележувањето на 27-годишнината од независноста. Нејзиниот престој во земјава е дел од поддршката на меѓународната заедница за продолжување на интегрирањето во НАТО и ЕУ.

Германската владина делегација претпладнево ќе има свечен пречек на платото пред Владата на РМ. По заедничката средба премиерот Зоран Заев и германската канцеларка ќе имаат заедничка прес-конференција.

Портпаролот на германската Влада Штефен Зајберт најави дека Меркел ќе дојде во Скопје за да формира впечаток за претстојниот референдум. Тој додаде дека во фокусот на средбата на двајцата премиери ќе бидат „регионалните случувања и билатерални теми“, и дека Меркел „секако сака самата на лице место да формира впечаток во пресрет на референдумот за прашањето за името на земјата, што ќе се одржи на крајот од месецот“.

Изминатава недела имаше интензивни дипломатски активности. Во пресрет на референдумот во посета на Македонија беа генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, министерот за надворешни работи на Луксембур Жан Аселборн, австрискиот канцелар Себастијан Курц.

Американскиот сенатор и претседавач на Комисијата за државна безбедност Рон Џонсон следната недела доаѓа во Македонија, а ќе ги посети и Грција, Србија и Косово. Џонсон во Скопје, Атина, Белград и Приштина ќе има средби со високи владини претставници. Сенаторот Џонсон е еден од високо рангираните соработници на американскиот претседател Доналд Трамп задолжен за специјални мисии. Џонсон е претседавач на Поткомитетот за европска и регионална безбедносна соработка. Џонсон во своите јавни настапи се залага за поголем ангажман на Вашингтон на Балканот и за интеграција на земјите од регонот во ЕУ и НАТО.