Мерачи за парно ќе има, ама за нив нема да плаќаат граѓаните


Мерачи за парно ќе има, но за нив нема да плаќаат граѓаните, односно ќе се најдат финансиски средства за да бидат платени, тврди вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
Новиот закон за енергетика предвидува граѓаните да плаќаат парно толку колку што потрошиле, а не според квадратура, за што секој корисник на централно греење ќе мора да стави мерачи на секој радијатор во домот.Според вицепремиерот Анѓушев, граѓаните нема да мора сами да набавуваат мерачи за топлинска енергија за радијаторите и за тоа да треба да одвојат сопствени средства.

– Тоа е дезинформација, која не знам од кои причини се шири. Мерачи ќе има и ќе се најдат финансиски средства да бидат платени, а да не бидат на товар на граѓаните. Нивната набавката ќе биде регулирана со подзаконски акти, а граѓаните нема да имаат дополнителни трошоци – изјави Анѓушев.

Анѓушев потенцираше дека Владата е во преговори со повеќе меѓународни институции како што се „Хабитат“ и „Зелениот климатски фонд“ и преку различни фондови може да се обезбедат средства за воведување калориметри во домаќинствата или да помогне државата.

– Ќе направиме сѐ тоа да не биде на товар на граѓаните. Мерачите се потребни за да биде јасно кој колку потрошил и кој колку треба да плати, односно да се заштитат граѓаните да не го плаќаат тоа што не го потрошиле. Ќе бидат вградени во сите објекти до почетокот на 2019 година, кога се очекува новиот закон за енергетика да профункционира со сите подзаконски акти. Сите промени во законот се исклучително во интерес на граѓаните и ако неговиот текст е добар за сите граѓани на ЕУ и е создаван во период од 50 години, не гледам зошто би бил лош за македонските граѓани – рече Анѓушев.

Во членот 155 во новиот закон за енергетика се вели дека секој објект што се приклучува на системот за дистрибуција на топлинска енергија, а кај кој се врши испорака на топлинска енергија преку еден мерен уред на повеќе потрошувачи, ќе мора да има вградено уреди за мерење на локалното распределување на топлинската енергија.

– Уредите врз основа на кои се врши локално распределување на топлинската енергија помеѓу различни крајни потрошувачи во еден објект за кој има еден мерен уред се составен дел од системот за мерење на потрошена топлинска енергија во објектот и се во сопственост на крајните потрошувачи – се вели во законот.

Константин Димитров од Центарот за енергетска ефикасност на Македонија (МАЦЕФ), кој е и воедно и еден од креаторите на новиот закон, објави дека според новите правила поставувањето на мерачите ќе биде на товар на граѓаните. Според него, еден мерач чини околу 50 евра, а за цело домаќинство трошокот ќе биде од 200 до 300 евра.
Во законот не е предвидено што ќе се случи со оние што се исклучени од централното греење, а сѐ уште плаќаат фиксен трошок за користење на топлинската енергија.

Уставниот суд на седницата која е закажана за утре меѓу другото ќе одлучува токму за уставноста и законитоста на членот 66 од Правилникот за снабдување со топлинска енергија донесен од Регулаторната комисија за енергетика, односно за членот со кој се воведува обврската граѓаните што се исклучени од парно греење да плаќаат надомест за ангажирана можност, иако не користат парно.

Александра Спасевска