Менкиноски: Може Катица и да остане, проблемот е во законот


Работните групи на власта и на опозицијата в петок ќе имаат нов состанок за да најдат заедничко решение за иднината на Специјалното јавно обвинителство. Завчерашната прва средба, која траеше помалку од пет часа, заврши неуспешно. Од двата табора признаваат дека разликите се огромни, но власта ќе инсистира да се реши проблемот, затоа што статутот на СЈО е еден од клучните услови за добивање почеток на преговорите со Европската Унија во јуни. ВМРО-ДПМНЕ, пак, утре ќе достави амандмани со забелешки, кои ќе бидат разгледани на петочната средба.

Со амандмани против предлог-законот

Министерката за правда Рената Треневска-Дескоска вели дека предлогот на опозицијата, според кој СЈО треба да биде дел од Основното јавно обвинителство, поточно од Обвинителството за организиран криминал, а не посебно обвинителство – е неприфатлив. На „Бихаќска“ се и против идејата на ВМРО-ДПМНЕ, сите случаи што сега се во суд, независно во која фаза, а се преземени после јуни 2017 година (датум после кој, според одлуката на Врховен суд, СЈО не смее да покренува обвиненија) – да се затворат. Потоа, доколку треба, целата постапка да почне одново, но доказите од „бомбите“ да не можат да се користат.

Тоа значи губење на голем број сериозни докази во постапките. Со тоа се создава опасност од неуспешно завршување на многу постапки, а со тоа и амнестирање“, смета Дескоска.

Извори од Министерството за правда велат дека нема шанса да се сложат и со барањето од опозицијата СЈО да нема свој буџет.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, од старт нагласуваат дека не станува збор за Закон за Специјалното јавно обвинителство, туку за Јавното обвинителство, поради што логично е СЈО да биде само одделение во рамките на ЈО.

Ние мора да ги почитуваме основните демократски принципи и да ги имплементираме меѓународните стандарди за да имаме ефикасен закон. Ова сега што ни го нудат е катастрофа. Предлог-законот е целосно пресликан од Хрватска, но освен делот што се однесува на потенцирање на супремацијата на ЈО, нема никаква ефикасност. Граѓаните не заслужуваат ваков однос по секоја цена, особено не за една материја во која се зборува за основните човекови права. Нашите забелешки на предлог-законот ги напишавме на 120 страници“, вели адвокатот Тони Менкиновски, кој го предводеше тимот на ВМРО-ДПМНЕ.

Договор ќе има, макар после 1 април

Кога е во прашање делот за СЈО, опозицијата има уште пожестоки забелешки и објаснуваат што, всушност, ќе напишат во амандманите.

Нас не нè интересира персоналниот состав на ова обвинителство. Може и Катица Јанева да го води, па и странец ако се договориме за начинот на кој би функционирало и за другите забелешки што ги имаме. Нас нè интересира легалистичкиот поглед, ограничените права и обврски и должности на јавниот обвинител, а не тој да биде шериф. Конкретно, според предлог-законот, буџетот на специјалниот јавен обвинител се носи по негово сопствено гледиште и никој не смее да се меша. Сам си носам буџет, оставете ме. Па, чекајте, таа функција тогаш би била најплатената во државата. Понатаму, не се разработени ниту одговорностите ниту обврските, кому ќе одговараат за нивната работа? Недостигаат цели глави“, коментира Менкиновски за „Независен весник“.

Висок функционер на власта брифира дека решение ќе има, иако, како што вели, станува јасно оти тоа нема да се реализира до 1 април, кога започнува кампањата за претседателските избори и кога Собранието би требало да престане со работа.

Ова не се парламентарни избори, пратениците можат да работат и додека трае кампањата за да се изгласаат европските закони“, вели нашиот соговорник.

Доколку, сепак, секој остане на своја страна, власта ќе биде принудена да бара 80 пратеници бидејќи за изгласување на законот е потребно двотретинско мнозинство. Тоа значи дека повторно ќе мора да се „ровари“ и во таборот на опозицијата, како што беше случај со договорот со Грција. За промена на името гласаа 81 пратеник, но меѓу нив се четворица од „независните“, лидерот на ДПА и еден пратеник на ДУИ, кои имаа(т) работа со „специјалните“. Од друга страна, и меѓу вмровските пратеници, има такви што се во случаите на СЈО, па тоа остава простор за разговор.

Премиерот Зоран Заев во понеделникот рече дека нема да понуди ниту да прифати нова амнестија заради компромис за СЈО. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е уверен дека Катица Јанева и нејзиниот тим немаат ниту човечки ниту професионален кредибилитет, поради што време е да заминат, но најголем дел од јавноста и натаму ги поддржува.

Горан Адамовски