Медал за војниците место истрага за убивањето на Палестинците


 

Израелскиот министер за одбрана Авигдор Либерман во неделата ги отфрли повиците за истрага на убиството на 15 Палестинци од страна на војската на протестот на границата меѓу Газа и Израел во петокот, велејќи дека војниците постапиле правилно.

„Израелските војници го направија она што е неопходно. Мислам дека сите наши војници заслужуваат медал“, рече тој на армиското радио. „А во врска со комисијата за истрага – нема да има такво нешто“, додаде тој.

Палестинците објавија државен ден на жалост во саботата, еден ден по масовниот протест кој предизвика судири и прерасна во најкрвавиот ден на појасот Газа од војната во 2014 година.Повеќе од 1.400 луѓе, исто така, беа повредени за време на маршевите на границата, одржани како протест за правата на палестинските бегалци кои не можат да се вратат во своите домови во денешен Израел.

Протестот во петокот, кој беше организиран главно од владејачката група на Хамас во Газа, беше почеток на она што се планира да биде шестнеделна кампања против израелскиот третман на Палестинците.Кампањата ќе кулминира на маршот на 15 мај – ден по 70-тата годишнина од основањето на Израел – за да се одбележи раселувањето на стотици илјади Палестинци за време на војната во Блискиот Исток во 1948 година околу создавањето на еврејската држава. Настаните од тоа време се нарекуваат „накба“ или „катастрофа“ од страна на Палестинците.

Протестите во саботата беа пожестоки од претходниот ден, при што само мал број Палестинци фрлале камења на разни локации долж граничната ограда. Дваесет и пет лица беа повредени од израелски оган, според министерството за здравство во Газа.Израелската војска соопшти дека најмалку осум од убиените биле членови на милитантното крило на Хамас, а двајца други биле членови на други милитантни групи во Газа. Хамас вели дека пет од убиените биле нејзини членови.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху им се заблагодари на војниците што дозволиле остатокот од земјата безбедно да го прослави празникот Пасха. Сепак, шефот на Обединетите нации, Антонио Гутерес, и највисокиот дипломат на ЕУ, Федерика Могерини, повикаа на „независна и транспарентна истрага“ за употребата на муниција од страна на Израел. Но, соодветното барање до Советот за безбедност од страна на Кувајт било одбиено од САД, според новинската агенција АФП и други медиумски извори.

Најавата дека САД ќе отворат нова амбасада во Ерусалим на 14 мај додаде масло на веќе разгорениот гнев кај Палестинците. Палестинците го гледаат источниот сектор во градот како главен град на нивната идна држава.

Повеќе од 700.000 Палестинци ги напуштиле своите домови или биле протерани за време на војната во 1948 година, додека повеќето жители на Газа се потомци на бегалците. Приморскиот појас е подложен на гранична блокада од страна на Израел и Египет од 2007 година, кога милитантната исламска група Хамас ја презеде контролата врз енклавата. Затворањето ги влоши економските услови во појасот Газа, што страда од зголемена невработеност, високи стапки на сиромаштија и чести недостатоци на електрична енергија.