МВР со дупки во приказната за џипот


Во декември 2015 година, кога сегашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски беше технички министер, излезе на прес-конференција со информација дека поранешни високи функционери користеле обезбедување и возила од МВР и нареди веднаш да им бидат одземени. Нареди да се изврши проценка колкава финансиска штета му е нанесена на Министерството и најави дека ќе биде изработена нова регулатива, за во иднина да се спречат сите евентуални злоупотреби.
Повеќе од три години оттогаш, во јавноста излегоа фотографии од возило во сопственост на МВР наполнето со кеси од „Лидл“ и паркирано пред кампот Евридики во Грција. Неофицијалните информации што ги објавија медиумите говорат дека во џипот биле забележани неколку девојки кои летувале во кампот, а меѓу нив била и ќерката на директорот за јавна безбедност, Лазо Велковски. Сепак, засега во јавноста не е објавена фотографија која потврдува дека во џипот имало девојки.
Во неделата вечерта Министерството излезе со некои официјални информации за тоа кој го возел џипот, но приказната пак не е целосна. Според официјалните информации, полициски службеник, кој е вработен во Одделот за заштита на определени личности и објекти познат како Шеста управа, бил со службениот џип „ренџ ровер дискавери спорт“ во Грција на Илинден. Според извештајот на Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди, џипот со регистарски таблички СК-9559-АЛ во 13 часот и 35 минути го преминал граничниот премин Богородица и патувал во Грција. Возилото било вратено во Македонија истиот ден.
„Не е точно дека возилото го управувало неовластено лице ниту, пак, дека било управувано од член на семејството на директорот на Бирото за јавна безбедност“, соопштија од Министерството за внатрешни работи.
Сепак, од Министерството не соопштуваат кој му дал на вработениот налог за патување во Грција и зошто воопшто патувал таму и кој висок функционер обезбедувал возачот на државниот празник Илинден. Од Министерството за внатрешни работи велат дека Одделот за внатрешна контрола сè уште го испитува случајот и дека ако бидат констатирани евентуални злоупотреби секако дека ќе има одговорност.
Директорот на Бирото за јавна безбедност Лазо Велковски во телефонски разговор за „Независен весник“ се повика на официјалното соопштение. Тој не одговори дали неговата ќерка била во џипот.
„Имавме соопштение дека џипот бил управуван од полициски службеник. За тоа зошто бил џипот во Грција, ќе има дополнително објаснување, појаснување од страна на секторот за односи со јавноста“, ни рече Велковски.
Велковски, додека на власт беше ВМРО-ДПМНЕ, според неговата биографија, работел во Агенцијата за разузнавање, началник во Дирекцијата за организиран криминал и меѓународен советник во кабинетот на директорот на агенцијата за разузнавање.
Со доаѓањето на Спасовски на чело на МВР, Велковски е распореден на новото работно место, државен советник во кабинетот на министерот, потоа е именуван за началник на СВР-Скопје, а потоа стана директор на БЈБ.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски не успеавме да го добиеме телефонски, а според неофицијални информации, не бил во Македонија.
Поранешните разузнавачи и поранешните министри кои знаат како функционира користењето на службените возила во ова Министерство не сакаа да коментираат дали во овој случај е направена злоупотреба. Велат дека извештајот на МВР е нецелосен и дека ќе почекаат Министерството да излезе со подетални информации за да може да коментираат.
Сепак, опозициската партија го искористи моментот и ја обвини власта за хедонизам и расипништво.
„Срамно е МВР да не знае три дена што се случувало со службеното возило и преку соопштенија да ја манипулира јавноста. Дали сакаат да нè убедат дека службената делегација на МВР предводена од ќерка на висок функционер и нејзини другарки со службен возач била испратена во кампот Евридики да полагаат свежо цвеќе за Илинден? Да не беше трагично, ќе беше смешно како Оливер Спасовски и СДСМ се обидуваат да го покријат расипничкото однесување“, изјави портпаролот на ВМРО- ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Според ВМРО-ДПМНЕ, во МВР постоеле три вакви џипа и точно се знаело кој ги должи. Џиповите биле дел од поголема донација на Европската Унија и требало да бидат наменети за Граничната полиција и поефикасно справување со илегалната миграција.
„Кога СДСМ и нивните функционери вака се однесуваат со донациите на ЕУ, за кои нашите меѓународни партнери водат сметка како се употребуваат, што ли прават со парите на граѓаните“, обвинуваат од партијата.
Владејачката партија, пак, им одговори дека нема повеќе МВР-ВМРО, сокривање или бегање од одговорност.
„Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, за споменатиот случај извршени се соодветни проверки, а во тек е и дополнително утврдување на сите факти. Доколку се утврдат неправилности, ќе бидат преземени соодветни мерки. Тоа е разликата со која не може да се помири ВМРО-ДПМНЕ ниту, пак, може да ја разбере“, реагираа од СДСМ.
Користењето на службените возила во МВР е регулирано со правилник кој е интерен акт на Министерството. Од Министерството не ни одговорија што пропишува овој правилник и што се случи со најавите на министерот Спасовски дека ќе биде изработена нова регулатива.
Сега возилото е во кругот на Министерството за внатрешни работи, но полицијата сепак не одговори која организациска единица и кој го должел џипот, односно чија одговорност е располагањето со него.
Фросина Факова-Серафиновиќ