МВР: Малолетничката била силувана, насилно мажена и најдена во безсознание во Велес


Малолетното девојче од јавната установа за деца со воспитно социјални проблеми „25 Мај“ девет пати била пријавувана за исчезната во периодот од крајот на 2016 досега од страна на вработените во социјално-згрижувачките установи и исто толку пати постапувале соодветните полициски служби. Во неколку наврати полицијата поднесувала и кривични пријави против повеќе лица за полов напад или за силување на малолетничката, информираат од МВР.

Оттаму посочуваат дека во документираните случаи, разговарано било со лица инволвирани во незаконски дејствија од областа на кривични дела против половата слобода, за што биле направени детални известувања доставени во надлежното ОЈО за натамошно постапување.

– На 3 јануари 2017 година по пријава за исчезнато лице, девојчето е пронајдено во населбата Шуто Оризари во домот на Џ.К. (68), која што со сила ја задржала во својот дом со намера да и биде снаа. Констатирано е дека таму малолетничката имала сексуален однос со повозрасен човек. Направен е службен разговор со Џ.К., А.К. (44) и Ш.К. (39) и како можен сторител е детектиран Ш.К. за што од страна на Единицата за насилен криминал при СВР Скопје е направен посебен извештај кој што на 12 јануари 2017 година е доставен до надлежен обвинител при ОЈО Скопје за натамошни насоки и постапување, се вели во соопштението од МВР.

Во друг документиран случај, посочуваат од Министерството, се работи за пријава од вработена во ЈУ за згрижување на деца со воспитно-социјални проблеми на 28 септември 2017 година, откако малолетничката се вратила во домот после извесен период на отсуство.

– Вработената во оваа јавна установа пријавила дека, според кажување на девојчето, тоа околу 2-3 недели во повеќе наврати имало сексуални односи со постаро лице. Веднаш е постапено по пријавата и од страна на СВР Скопје до Основното јавно обвинителство-Скопје доставено е писмено известување од 2 ноември 2017 година, а дополнително известување е доставено и на 15 февруари 2018 година, информираат од МВР.

Оттаму посочуваат и дека на 13 ноември минатата година околу 22.30 часот од ЈЗУ Општа Болница – Детско одделение Велес ја информирале велешката полиција кај нив била донесена малолетничката во безсознание. Наредниот ден по барање на МВР, ОЈО издало писмена наредба за вршење преглед на детето во Судска медицина – Скопје. Врз основа на наодот од извршениот преглед, документирана е кривична пријава против Е.У. за полов напад врз дете, а истрагата е проширена и на други лица, за што ќе биде поднесена кривична пријава до ОЈО.

Во случајот за 13-годишното девојче штитеник на јавната установа за деца со социјални проблеми „25 Мај“ за кое медиумите објавија дека било силувано и забременило, Министерството за труд и социјална политика денеска изрази сомневање дека најверојатно станува збор за сексуална експлоатација од надворешни лица или трговија со луѓе.