МВР и Цивил договорија соработка за борба против радикализмот и насилниот екстремизам


Борбата против радикализмот и насилниот екстремизам, различните аспекти на контролата на оружјето, но и соработката во доменот на спречување изборни нерегуларности, се областите во кои ќе соработуваат Министерството за внатрешни работи и Граѓанската организација Центар за слобода – Цивил.

– Согласно законските обврски и надлежности на МВР, факт е дека делокругот на полицијата тангира многу јавни сфери, така што неспорно е потребата, но и можностите за заедничко делување на полицијата со граѓанските здруженија, а посебно во делот на едукацијата и превенцијата, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по потпишувањето на Меморандумот за соработка со Џабир Дерала од Цивил.

Министерот посочи дека не помалку е важно што граѓанскиот сектор преку еден механизам ќе биде коректор, контролен, но и советодавен механизам, затоа што нормите и активностите што се во рамки на работните задачи на Министерството се директно насочени кон граѓаните, независно дали се работи за проблематика во сферата на сообраќајот, контролата на оружјето или друг сегмент.

Соработката меѓу МВР и Цивил министерот ја оцени како можност за јакнење на довербата меѓу полицијата и граѓаните.

Според Џабир Дерала, оваа соработка доаѓа после долги години изолација на граѓанскиот сектор од страна на институциите кои, како што рече, беа заробени од една клика која, за среќа, веќе не е на власт.

– Тоа што го гледаме ние како организација за човекови права како можност е токму таму каде што прекина соработката меѓу граѓанските организации и оние институции кои се релевантни во доменот на безбедноста како човеково право, не само како општествена и државна работа ние гледаме да го продолжиме она што го почнавме пред долги години. А ова е токму тоа што се однесува на довербата и соработката меѓу институциите и граѓаните и граѓанките на Македонија, рече Дерала.

Тој оцени дека граѓанскиот сектор може да даде силен придонес и како експертиза и како присуство на терен во борба против она што е најголема закана во современиот свет, а тоа е радикализацијата и екстремниот национализам.

Овој меморандум, додаде Дерала, претставува и доказ за отворена влада која очигледно ова Министерство ја спроведува во целост и му дава мултидисциплинарен карактер на се она што граѓанскиот сектор се обидува да го направи.