МВР: Злосторството во прилепско е расчистено


Министерството за внатрешни работи денеска преку соопштение категорично ги отфрла, како што наведува, сите невистини изречени на денешната прес – конференција на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, околу завчерашното злосторство во прилепско, не само од аспект на злонамерните и неточни информации по однос на самиот настан, туку, се додава, и поради обидот со измислици и маниупулации да се внесе страв меѓу граѓаните.

– Како и многу пати претходно, уште еднаш повторуваме дека времето на партиско-штабски критериуми, како и вулгарното злоупотребување на институцијата завршија. Сега МВР работи професионално, а резултат на професионалната работа се расчистените убистваа како ова во прилепско, така и она во Велгошти, Дебар и други случаи. Злосторниците сега одговараат за своите злодела, се наведува во соопштението.

Воедно, во демантот се додава дека, како што и е познато на јавноста, настанот во прилепско веднаш беше расчистен, сторителот, односно осомниченото лице беше откриено и приведено неколку часа по свирепото злосторство, и со кривична пријава предадено на надлежното ОЈО. На јавноста и беа презентирани сите релеватни, но и со закон дозволени информации, согласно Законот за кривична постапка и согласно надлежноста на Обвинителството по однос на кривично-правниот настан.

Од МВР со апел уште еднаш до сите политички субјекти, да престанат со ширењето лаги во интерес на стекнување на политички поени, стои во соопштението.