МВР за прославата на Илинден ангажирала преку 400 полицајци


МВР за вчерашната прослава на Илинден во Крушево имало информации дека се можни групирања и тенденциозни дејствувања на одредени групи со намера нарушување на јавниот ред и мир, поради што, како што соопшти попладнево, ангажирало 180 припадници на униформираната полиција, 70 полициски службеници во цивилна облека, 120 припадници на Одделот за специјални полициски операции и 10 полициски службеници од Одделот за заштита на одредени личности и објекти.
Дополнително, за обезбедување на внатрешниот параметар на патеката по која се движеа делегациите биле ангажирани и припадници на Посебните единици на полицијата, од кои 30 во цивилна облека, а 10 во полициска униформа.
Безбедносните активности поврзани со обезбедување на гостите поканети на прославата, ги организирал Командно-оперативен штаб.
– Ангажираните полициски службеници беа распоредени на неколку микро локации, согласно однапред утврден план за нивно поставување и дејствување. Главната задача на полициските сили е да дејствуваат во насока на превенирање на нарушување на јавниот ред и мир, а доколку се случат инциденти да се дејствува со намера групите да бидат потиснати и да биде оневозможено ескалирање на ситуацијата. Токму затоа и дел од припадниците на специјалните полициски сили беа ангажирани за обезбедување на делегацијата на Владата и на преставници на други земји, и беа облечени во цивилна облека, наведува МВР.
Министерството потврдува дека во текот на движењето на владината делегација имало обиди за приближување на одредени групи и нарушување на безбедниот периметар на движење, кои заради реакцијата на припадниците на полициските сили беа оневозможени. Во два наврата кон делегацијата биле фрлени и пластични шишиња, но биле одбиени од припадниците на МВР. За време на движењето, кон делегацијата биле упатени и вербални напади, како и зборови со говор на омраза.
– И покрај тоа што целта на организираните групи беше нарушување на јавниот ред и мир, дејствувањето на полициските сили во насока на неутрализација и изолирање на групите овозможи да не дојде до физички контакт или евентуално ескалирање на обидите во нереди. МВР и понатаму ќе продолжи со активности кои имаат за цел гарантирање на јавниот ред и мир и упатува порака до групите да не превземаат дејствија против сигурноста и безбедноста на државата и граѓаните, стои во соопштението од Министерството.