МВР: Градоначалникот на Демир Хисар изјави дека снимката е од јануари 2018 година


Министерството за внатрешни работи доцна вечерва соопшти дека градоначалникот на Демир Хисар Марјанче Стојановски бил повикан на информативен разговор поради видео-снимката која се појави денеска на интернет.

-Градоначалникот Стојановски во разговорот изјави дека снимката која се појавила на интернет е од протест во О.У. Гоце Делчев во Демир Хисар кој се случил во средината на месец јануари 2018  година. Протестот се одржал заради промена на две учителки во други подрачни училишта, се наведува во соопштението.

По насока на обвинителство Стојановски бил пуштен во 20:30 часот, а во врска со овој случај, од МВР информираат дека ќе се повикуваат повеќе лица на службен разговор со цел негово целосно расчистување.

Стојановски беше приведен поради видеото што се појави на интернет, на кое тој им се заканува на вработени во училиштата дека ги прислушува нивните телефонски разговори.

„Значи заборавате дека во МВР работев, заборавате дека ги слушам сите телефонски јавувања, одење од куќи и така натаму“, им се заканил Стојановски на вработените.