Мајчиниот јазик се брани со дела
Ерол Ризаов
Недела, рано наутро, возам по празната Пластичарска улица, уживајќи во „Мајчиниот јазик“ на Влатко Стефановски, сѐ уште под импресии од неговиот концерт претходната ноќ. Си велам: Боже, како овој човек може без ниту еден збор само со гитара генијално да го брани идентитетот на Македонецот и на сите други што се раѓаме и живееме и умираме под ова парче небо. Во неговата музика ги има сите јазици на дуњава и сите до еден се разбирливи. Ечи виртуозот со толку љубов што не може да го расипе ни цел хор жаби „крекетуши“ и експерти за сеење омраза кои нѐ оглувеа и отапеа со месеци. Тамам си помислив дека мора да го прашам Влатко дали прво научил да свири, или да каже мама… кога наеднаш стоп, блокада на улицата пред американската амбасада. Еден куп полицајци распоредени насекаде по уличките на скопското Кале. Летаат заглушувачки два-три хеликоптери над амбасадата, насекаде бојни и полициски коли, обележани забрани за движење со полициски ленти. Терористички напад… Утрото за еден миг се снеубави…за среќа, на кратко. Го прашувам полицаецот, што се случува. „Ништо“, ми шепнува, вежба… се враќам во реалноста. Ја пуштам повторно „Бистра вода“ од маестро Влатко… Но и таа реалност е за кратко време.
Секогаш има кој да ја замати, да не биде бистра и чиста водата… такви времиња дојдоа. Матни. Ептен матни… работи не ни даваат да гледаме појасно. Најлесно се лови во матна вода. Се враќам на мојот занает. Многу учените толкувачи на Уставот и на демократските процедури, научници, експерти и универзитетски професори, познати лингвисти и литерати можат деновиве да уживаат и да се восхитуваат од резултатите на своите јавни високоумни беседи и револуционерни мултимедијални и интерактивни предавања, наменети исклучиво за возрасни со посебни потреби. Со методиката и дидактиката на Макаренко преку широкопојасен интернет и суратли ќитап (Фејсбук) Македонија стана вечерно училиште за брзо описменување. За само два три месеци постигнати се фантастични успеси во образование на населението. Нема веќе ниту еден неписмен, дури ниту полуписмен човек кој не слушна и не разбра за опасноста која се заканува за уништување на државата. Сите граѓани благовремено дознаа дека обидот за убиството на Македонија ќе се изврши со јазик. Ете, со една ваква планетарна лага ни го сервираа петпати на ден Законот за јазици тие што не го прочитале. Им се може кога сме абдали да им веруваме по илјадити пат на исти лажговци.
Поверувавме како мајмуни дека албанскиот јазик ќе ја освои целата територија на земјата и така ќе го откорне македонскиот и сите други јазици.
За многу кратко време поверувавме дека сите ќе мора да зборуваат албански, а потоа без идентитет, ќе се претопат и ќе станат Албанци. Поверуваме дека за наша голема среќа навреме се откриени домашните и странските непријатели и тоа најмногу благодарение на овие мудри и учени луѓе кои не го прочитале законот, ама поради тоа што се со голем ум ни ги отворија очите и ушите за да се подготви населението за акција сите во одбрана и заштита од донесувањето на најопасниот закон во целата историја на Република Македонија. Тактиката со 35.000 и кусур амандмани по кои можеше да се дискутира две три години без никаков проблем, не даде никаков резултат бидејќи непријателот ја прерипна во скок со стап задавајќи ѝ тежок удар на демократијата. Но, затоа тука е претседателот на државата и неговиот советнички тим кој е подготвен да го чува и брани територијалниот интегритет на земјата, ако треба за тоа и животот ќе го дадат.
Истовремено, единствената тајна револуционерна организација во Европа, која се води како јавна политичка партија предводена од двајца водачи Никола Груевски и Христијан Мицкоски, организира движење на отпорот кое ќе ги опфати сите неалбанци во Македонија. Отпорот е ненасилен, со граѓански бојкот, никој нема да учи албански. Ајде да видиме дали може некој со сила да научи туѓ јазик и сам да го укине мајчиниот јазик. Никогаш тие не можат да натурат насилно учење странски јазици колку што ние можеме да не научиме, ама баш ниту еден збор. За инает. Опасноста од многу знаење поодамна е откриена на овие простори, особено од знаење на повеќе јазици. Да си останевме само со еден, колку толку научен и ненаучен доволно, никогаш немаше да ни се случуваат вакви работи, да се појават луѓе кои ќе ни кажуваат дека знаењето повеќе јазици било корисна работа. Имало тука луѓе што знаеле по пет шест јазици, па тоа ништо не им помогнало. Морале да си заминат таму кај што ги разбираат. Какво фајде има од тоа да знаеш неколку јазици, а да нема со кој да зборуваш. Никакво. Проверено.
Ете така луѓе што не знаат што пишува во законот, ама знаат што се крие зад тоа што не пишува им раскажаа на граѓаните дека ќе плаќаат големи казни ако не научат албански, дека сите ќе учиме албански и во Виница, и во Струмица, и во Кочани, и во Берово, и во Делечево… во секое селце и во секое гратче, сите учители, професори, судии, лекари ќе мора да знаат албански оти ако ученикот, студентот, обвинетиот, пациентот проговорат на албански ќе мора да им се возврати на истиот јазик. Ги слушавме со денови овие подлости и гадости расипувајќи си го раатлакот, небаре тоа со векови што не можело да се уништи сега ќе го снемало преку ноќ со закон кој 99 отсто од граѓаните не го прочитале, а кога требаше да разберат што пишува внатре, заштитниците вложија 35.000 и кусур амандмани само да не со дознае. А, таму нема ама баш ништо што ќе му наштети на македонскиот и на другите јазици во Македонија. Напротив, македонскиот јазик и сите други ја зацврстуваат својата позиција со овој закон во остварување на граѓански права. И, толку, ништо повеќе.
Ниту еден закон не може ни оддалеку да го одбрани јазикот како што тој се брани со творештво кое му станува достапно на целиот свет. Во тоа нѐ увериле и нѐ уверуваат секојдневно нашите големи творци чии дела говорат на многу јазици. Влатко Стефановски, еден од нашите големи уметници, тоа го потврдува по којзнае кој пат на најдобар начин и на неговите концерти со последниот албум озаглавен како „Мајчин јазик“. Одете, слушнете го маестро Влатко, ако не успеете да земете билет, бидејќи сѐ е распродадено, земете го неговиот најнов албум. Чујте и почујте и сѐ ќе разберете. Никој не може после тоа да ве излаже дека ќе го изгубите јазикот. Тој е запишан некаде подлабоко, каде што не се брише и кога се молчи. Не им верувајте на тие што го бранат јазикот со зборови. Тој се брани со дела.