Мачките и кучињата ќе добијат бесплатен микрочип


Сопствениците на домашни миленици ќе можат бесплатно да им стават микрочипови и да им извадат пасош. Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) започна кампања која ќе трае до крајот на март идната година во сите градови низ земјава. Обезбедени се 100.000 микрочипови кои ќе се дистрибуираат преку ветеринарните амбуланти. Сопствениците на кучиња и мачки од 2013 година имаат обврска да ги чипираат своите миленици и на тој начин да овозможат да се идентификуваат и да се регистрираат.

Од АХВ апелираа до сопствениците да ја искористат можноста и бесплатно да ја завршат обврската на милениците да им обезбедат микрочип.

„Кампањата трае до крајот на март, односно додека има микрочипови. Поради тоа, ги повикувам сопствениците да ја искористат можноста и што побрзо да завршат со оваа обврска. Доколку милениците не се идентификувани, можат да добијат казна што се движи од 50 до 75 евра“, посочи директорот на агенцијата, Зоран Атанасов.

Доколку ја искористат можноста да ги чипираат милениците во рамките на кампањата на АХВ, сопствениците ќе треба да платат само 120 денари за пасошот, а во спротивно чипирањето чини 800 денари. Ќе се спроведува во 135 ветеринарни амбуланти низ земјава, а списокот ќе биде достапен на веб-страницата на Агенцијата.

„Процедурата за чипирање е целосно безбедна и безболна за животните, а од друга страна е во интерес на сопственикот бидејќи кога и да биде фатено или изгубено ќе може полесно да се најде и да се врати. Проверката дали некое животно е чипирано или не ќе се врши во прифатилиштата за животни“, вели Томислав Николовски, претседател на ветеринарната комора.

Сања Наумовска