Мафијата уште не е чепната


Ерол Ризаов

Успешна борба против корупцијата и организираниот криминал е најзначајниот предуслов во остварување на стратегиските интереси на граѓаните и за спас на Македонија. Пресметката со ова големо зло што ја јаде супстанцијата на државата и ја попречува иднината на повеќе генерации, со монструмот кој најгрубо и најбрзо ги осиромашува луѓето, уште не е отпочната со неопходната решителност во повеќе насоки. Ова е најважната работа на оваа и на сите наредни влади и надлежни државни институции. Македонија мора да објави немилосрдна борба против криминалот и корупцијата бидејќи владеењето на правото е темел на државата, без тоа владее политичката и бизнис-олигархија заортачена со класичната мафија, која и една година по промената на власта уште не е чепната и уште работи со полна пареа, со мали измени во персоналот и во хиерархијата.

Владата како да подзаборави дека е дојдена на власт само заради експлозиите на „бомбите“ од снимените разговори, кои ги потврдија сомнежите на граѓаните за големиот грабеж. Оценките за успешноста на оваа влада и дома и во Брисел ќе се одредуваат најмногу според резултатите на реформите кои ќе овозможат ефикасно сузбивање на корупцијата и организираниот криминал. Словенија стаса на светскиот врв означена како земја каде што најмногу се почитуваат законите. Нам ни треба едно такво високо место. Но, за да се стаса до таму, не е доволно да се има само специјално обвинителство и независно судство. Не е доволно тоа да се постигне ни со прогласување вонредна состојба, само со биење на камбани и празни зборови. Покрај долгите судски процеси против врвот на поранешната корумпирана и криминална власт, неопходни се брзи и ефикасни истраги за сомнителни коруптивни зделки и во редовите на сегашната власт каде што бааги мириса и на организиран криминал и мито.

Со години разочарувачки се уверуваме дека нема никакви изгледи за успех против митоманијата и спрегата на политичката и класичната мафија. Чекаме да се воспостави ефикасен систем на владеење на правото, небаре тој треба да се испие како апче, иако знаеме дека операцијата за спас е радикална и без анестезија. Долгите и јалови судски постапки без пресуди покажуваат дека реформите само во судството не се доволни за инсталирање на правна држава. Изградба на општество во кое се почитуваат законите бара постојан фронтален напад на целиот гнил и унаказен систем. Ни оддалеку не е доволно само да се ослободи заробената држава, да се деблокираат демократските процеси, да се прогласи независно судство и слободни медиуми. Тоа може да биде само предуслов за добар почеток по пад на еден корумпиран режим.

Еден македонски премиер деновиве пред години во врвот на својата популарност прв вети од собраниската говорница војна против октоподот. Рече ќе ги сече краците на мафијата, па кој сака нека биде во прашање – и СДСМ и свети СДСМ. Кога го кажа тоа, изгледаше искрено и сугестивно. Му напишав уште тогаш, дека ако не успее, од тој ден времето почнува да работи против него. Не знам дали тој премиер кога виде колку многу краци и глави има октоподот се исплаши, но знам дека избега од мегданот, избра убава заветрина, стана претседател на државата. И денеска така го викаат – „претседателе“, не се знае што работи, не кажува ништо, вели не сака да пречи, преку глава му е од политика. Така рано заврши со кариерата еден од најталентираните македонски политичари. Додуша, јаде октоподи, само печени на скара. При полна свест и памет се одѕива на името Бранко Црвенковски.

Неговиот наследник на претседателската функција, вреден валандовчанец, го надмина во секој поглед. Тој не ја одбегна битката со октоподот, туку многу мудро му помогна да преживее. Силно се заложи да го спаси со аболиција сосе сите краци и глави, онака цел, негибнат, здрав и жив. Дури таму го стави и својот претходник Црвенковски, аболирајќи го од непознати причини, без да има никаква постапка против него. Велат тоа било античка одмазда, која се сервира студена, откако ќе се олади. Човекот од многу работа некогаш не знае како се вика, ама има уште луѓе кои го именуваат со „претседателот Ѓорге Иванов“.

Еден друг премиер, дојден по Бранко Црвенковски кога првпат го виде октоподот во владините кабинети и се соочи со краците од свој министер, кој не давал отчет пред него, туку само пред неговиот премиер, веднаш си поднесе неотповиклива оставка. Си замина од премиерската функција како ништо да не било. Два-три дена се крена малку прав, како беше, што беше и готово. Остана само нотирано и веднаш заборавено дека тоа е прв премиер во Македонија откако постои државата од 1944 година наваму кој поднесува оставка поради неможноста да се санкционираат учесници од власта во коруптивна зделка, згора на тоа, партиската блокада на реформите беше доволен повод да се замине што побргу од влада која не е тоа. Позицијата на банкар повеќе му лежи. Хари Костов повеќе прилега на банкар, отколку на премиер, ама Македонија не е банка.

Аферите и скандалите со корупцијата и организиран криминал не заобиколија ниту една влада. Ниту првиот премиер Никола Кљусев, ниту Љупчо Георгиевски, ниту Владо Бучковски, ниту Никола Груевски, кој цела деценија беше на оваа функција. Сите зад себе имаат по една опашка, по должина соодветна на годините колку владееле. „Бомбите“ на последниот премиер Зоран Заев, кои ги стокмија луѓето што ги снимиле чудовишните разговори на криминалците во врвот на власта, само ја потврдуваат вистината колку ќе биде тешко да се фати октоподот, или ајде да бидеме пореални да се сведе корупцијата и организираниот криминал на некои подносливи граници, кога криминалците се плашат повеќе од законот, отколку кога чесните луѓе повеќе стравуваат од криминалците што се на власт.

Зоран Заев, кој ги обелодени снимените разговори и ја покрена најголемата истрага во историјата на Македонија против криминалот, и самиот е обвинет за мито и често е во судските сали. Ако сите влади не успеале да се справат со ова зло, или барем да го намалат, а најголемиот дел од премиерите и лично се обвинети за корупција, неминовно се наметнува најважното прашање: како тогаш да се врати довербата во судството и во делењето правда, кога и власта и самото судство сериозно се осомничени како непосредни учесници во криминалот и корупцијата. Всушност, тоа е и дефиницијата за организиран криминал.

За меѓународни спортски натпревари се именуваат судии од други држави. За меѓународни апаши и гангстери галиба ќе треба и меѓународни судии. Сега ќе ми рипнат дежурните патриоти дека тоа е удар врз самостојноста и независноста на државата и дека се залагам за протекторат. Добро, ако е така, тогаш ајде на специјалното јавно обвинителство да му се одобри и судско одделение и специјален одред полиција, даночни независни инспектори само за гонење организиран криминал, корупција и затајување даноци во високите ешалони на власта.

Знам зошто ова не ѝ се допаѓа на власта, но зошто и опозицијата не го прифаќа ако секој ден вреска „држете го арамијата“.