Марјана Станојковска, најтрофејна македонска убавица: За мис треба да имаш и карактер


Топ-моделот Марјана Станојковска е најтрофејна македонска убавица на светските избори на убавина. Во Куала Лумпур, Малезија, ја освои титулата мис тело на „Мис туризам интернационал“ , а во Кина – мис бикини на универзумот. Беше бринета, сега нѐ освојува како русокоса. Згодна, маркантна, висока 175 см, со идеални пропорции 90-60-90, е меѓу најангажираните јавни личности. Како водителка, исто така, не се симнува од ТВ-екраните. Секогаш дотерана и на високи потпетици. Ни ги откри тајните на топ-изгледот и успешната кариера.

Кои се твоите ангажмани на ТВ?

– Моментално сум ангажирана со игрите на среќа на Државна лотарија на Македонија, поточно со играта „Ново лото“. Двапати во неделата имам емисија во живо и им носам среќа на верните играчи. Минатата година, покрај редовните лото-ангажмани, ја водев и спортската емисија „Индирект“, а претходно емисијата од забавен карактер „Во недела попладне“, проекти кои исто така се реализираа во живо и траеја неколку часа. Од оваа гледна точка од една страна малку ми недостигаат снимањата во недела бидејќи се навикнав три и пол години да имам ТВ-ангажмани токму тој ден, но од друга страна вака, пак, имам повеќе време за семејството и за пријателите.

Дали си задоволна од ангажманите како манекенка?

– Неодамна се случи Саемот за венчавки каде што во улога на манекени традиционално се појавуваат личности од јавниот живот, меѓу кои бев и јас. Во последно време сум ангажирана во областа на инфлуенсер-маркетингот како инфлуенсер на социјалните мрежи. Трендот на инфлуенсер-маркетингот зазема сѐ поголем замав, како во светот така и кај нас.

Ти си најтрофејната наша убавица. На што се должи твојот успех?

– Кога станува збор за изборите на убавина од светски ранг, би кажала дека жирито подеднакво обрнува внимание како на убавината, така и на карактерот и личноста на претставничките на земјите што учествуваат. Секако дека негативни поени кај нив носи секое доцнење на закажаните интервјуа и фотосесии, потоа неодговорност, дрскост, непридржување кон нивните правила за ред и мир, додека она што се цени и вреднува е сосема спротивното.

Што им советуваш на идните манекенки и топ-модели?

– Македонија изобилува со навистина многу убави девојки, кои би можеле да стојат рамо до рамо со моментално актуелните светски познати модели како Џиџи и Бела Хадид, Кендал Џенер, Каја Гербер …

Сите оние девојки што сакаат да се занимаваат со манекенство можат да ги исконтактираат модните агенции кај нас, кои би можеле да им овозможат шанса понатаму да соработуваат со некоја позната светска агенција и да направат кариера во модниот свет.

Како ја одржуваш топ-формата?

– Изгледа дека најмногу е до генетиката. Меѓутоа, морам да споменам дека умереноста во исхраната игра голема улога и токму од таа причина никогаш во животот не сум применувала некоја ригорозна диета.

Од неодамна почнав повторно да вежбам, овој пат комбинација од пилатес, аеробик, фитнес и една нова дисциплина кај нас антигравити. Станува збор за исклучително интересна програма, спој од спортски и танцови движења изведени на висечко платно т.н хамок. Сите овие 4 дисциплини имаат различни придобивки. Аеробикот е најдобра кардио-вежба, пилатесот ми помага за ‘рбетниот столб, фитнесот е идеален за зголемување на мускулната маса и антигравити за подобрување на сите основни процеси во организмот.

Твојот стил на облекување е….

– Морам да признаам дека најудобно се чувствувам во маица, фармерки и во патики. Кој ги измислил патиките, алал да му е.

На што се надеваш во 2018 година?

– Се надевам дека ќе престане оваа омраза што владее меѓу луѓето, манифестирање сила кон послабите, ќе престане сето она насилство кон животните на кое секојдневно сме сведоци, луѓето ќе го пронајдат доброто во себе и конечно ќе завладее здравиот разум.

„Темнината не може да ја истера темнината, само светлината го може тоа. Омразата не може да ја истера омразата, само љубовта го може тоа“.

Лејла Сабит    Фото: Борис Грданоски и приватна архива