Марк Вебер: Хамилтон е подобар од Шумахер


Поранешниот пилот во Формула 1, Марк Вебер го смета актуелниот светски шампион, Луис Хамилтон за подобар пилот од легендарниот Михаел Шумахер, кој го држи светскиот рекорд по титули (7). Според Австралиецот, Луис лесно можел да се справи со Германецот ако влегле во меѓусебна битка.

Во оваа кампања 33-годишниот Хамилтон го надмина достигнувањето на Шумахер за најмногу пол-позиции, откако веќе има 83. Германецот ја заврши својата кариера со 68, иако не се сметаше за голем мајстор во квалификациите за првата позиција на стартната линија. За такви се сметаа Аиртон Сена и Џим Кларк. Бразилецот (40,1 процент) и Британецот (45,2 проценти) освоија многу повеќе квалификации во однос на Шумахер (22,1 процент). Хамилтон (36,2 проценти) е прилично близу до двата гиганта на мотоспортот.

– Во квалификациите, сум кажал и претходно, тој е најдобриот од Сена наваму. Мислам дека е подобар од Михаел во рамките на една обиколка. Без сомнение, тој е најдобриот во последните 40 години. Тој дефинитивно може да се мери со Аиртон во еден круг. Луис има неверојатна брзина тогаш кога е потребно. Не можам ни да кажам кои се негови вистински слабости. Тоа е она што го прави многу опасен, изјави Вебер, кој долги години беше тимски колега со Себастијан Фетел во Ред бул.