Марко Силва нов менаџер на Евертон


Евертон официјално го објави назначувањето на Марко Силва, кој потпиша договор за три години со карамелите.

Четириесет-годишниот поранешен менаџер на Ватфорд и Хал Сити ја наследи работата од Сем Алардајс, кој беше отпуштен по само шест месеци работа во клубот. Според медиумите на Островот, Силва ќе добива околу 4 милиони фунти годишно на „Гудисон Парк“.

– Горд сум да бидам новиот менаџер на Евертон. Возбуден сум поради овој огромен предизвик. Ја познавам богатата историја на клубот и знам какви очекувања имаат навивачите. Сакам приврзаниците да се гордеат со тоа што тимот го покажува на теренот. Евертон е многу амбициозен клуб. Кога си во таков клуб, за тебе има само едно решение – да се стремиш кон победа. Во фудбалот е невозможно да победуваш на секој натпревар, но во секоја средба ние ќе се потрудиме да покажеме дека имаме амбиција, изјави Силва за официјалниот сајт на Евертон.