Марија ја позлати Македонија на фестивал „Откритија на Европа“ во Москва


 

Дванаесетгодишната Марија Спасовска од Скопје ја доби највисоката награда на интернационалниот фестивал „Откритија на Европа“ кој изминатиов викенд се одржа во Москва. Големата македонска надеж се натпреваруваше во категоријата естрадно пеење, а ја изведе „Broken hearted girl“ од Beyonce  и „Hallelujah“.

Интернационалната жири комисија на свечен гала концерт ја прогласи Марија за „Прв Лауреат Премија“(прво место).

„Марија беше единствен кандидат од Македонија и донесе награда за својата земја. Македонското знаме се вееше меѓу другите знамиња на земјите учеснички Русија, Казахстан, Кина, Азербеџан, Литванија, Латвија, Словенија, Србија, Малта…пресреќни сме, а Марија најмногу. Сонот и се остварува, се докажува и надвор од границите на нашата земја“, накусо ни рече Верче, мајката на Марија, кои пладнево се вратија од Русија.

Наградата од Москва е последната во низата десетици награди и признанија кои Марија ги има добиени не само во Македонија, туку и пошироко во регионот.

Досега има издадено свое цд, со песнички од учество на детски фестивали, беше дел од мјузиклот „Тајно моја“, а позади неа има и широк спектар настапи на интернационална сцена. Првата соло песна „Моето кукле“, Марија ја испеа на Детскиот фестивал „Поточиња“ во март 2010 година.