Манчини: Сакам да ја вратам Италија на врвот на европскиот и светскиот фудбал


Новиот тренер на Италија, Роберто Манчини даде прво интервју за неговиот нов пост, откако официјално беше објавен за нов ментор на „азурите“ и беше претставен на медиумите.

Специјалистот беше многу возбуден околу новиот предизвик, и откако се смири, откри кои се неговите цели. Тие се дефинитивно многу високи, како што одговара на еден од најголемите национални тимови во светот.

– Сакам да ја вратам татковината на местото, кое што го заслужува – на врвот на европскиот и светскиот фудбал. Се надевам дека ќе успеам. Првата цел е тоа да се случи уште во турнирот за Лигата на нации, со напорна работа, сè може да се постигне, рече Манчини.

Тој додаде дека конечно дошло време да застане на чело на Италија.

– Најголемиот предизвик за италијански тренер е да ја води националната екипа. Тоа е радост за целото мое семејство, особено за мајка ми и татко ми, кои сега се многу горди. Беше многу тешко откако не се пласиравме на Светското, но можеме да ја промениме оваа тенденција во иднина, изјави новиот слектор.

Поранешниот тренер на Манчестер Сити, Интер, Галатасарај и Зенит најави и дел од плановите како национален тренер.

– Дали би го вратил Балотели во составот? Се разбира дека има место за него, бидејќи сите сакаме да го гледаме оној Марио, кој беше на Европското во 2012 година. Задолжително ќе му се јавам и на Буфон, но оставете ми малку време, едвај денес ме повикаа и потпишав, додаде Манчини со насмевка.