Малолетничка станала џихадистка на ИД, сега нејзината мајка ја тужи Австрија


Семејството на Сабина Селимовиќ, која на само 15 години избегала од семејниот дом во Виена и ѝ се приклучила на Исламска држава, планира да ја тужи Австрија.

Пред околу четири години, Сабина, заедно со Самра Кесиновиќ (16), избегала и во Сирија и се приклучила на Исламска држава.

Тие две биле меѓу првите тинејџерки од Австрија кои се приклучиле на Исламска држава во Сирија и привлекоа големо медиумско внимание.

Терористичката организација поради тоа ги користеше во свои пропагандни цели. Постојано се пишуваше за нив, а во меѓувреме се смета дека загинале.

Сега за првпат на медиумите им се обрати мајката на Сабина, со потекло од Босна. Таа во изјава за винескиот весник „Пресе“, најави тужба против Република Австрија.

Мајката Сенада вели дека до денес не може да сфати како нејзнината 15-годишна ќерка можела воопшто да ја напушти државата. Според неа, граничната полиција морала да ја запре Сабина и да ја врати дома.

Нејзниот адвокат ја поддржува во тоа и истакнува дека службениците на границата морале да утврдат дали двете девојчиња ја напуштаат земјата без согласност од родители ил старатели.

Во Австрија на малолетниците, во основа, не им е забрането да ја напуштаат земјата.

Во овој случај, сигурно ќе мора да одлучуваат највисоки судски инстанци.