Малолетната штитеничка на домот „25 Мај“ не била силувана


Телевизија „Сител“ денеска објави дека лекарските прегледи покажале дека 14-годишното девојче од Домот „25 Мај“ не било силувано . Што точно се случувало во четвртокот попладне во Струга, полицијата уште истражува. Малолетничката, која заедно со други деца од Домот престојувала во летното одморалиште, во струшката полициска станица пријавила дека додека се враќала од плажа непознато лице со непознато возило се понудило да ја превезе и ја однело во близина на селото Калишта, каде што над неа извршило полови дејствија.
Денеска на прес-конференција се огласи и министерската за труд и социјална политика, но не ги потврди ваквите тврдења на телевизијата „Сител“.
– Како систем на социјална заштита го направивме она што беше потребно да се направи како грижа, заштита и психолошка поддршка, а исто така и здравствените институции постапија согласно протоколите – изјави министерката за труд и социјална политика Царовска во врска со случајот со малолетното девојче од Домот „25 Мај“.
Таа потврди дека се направени сите здравствени прегледи кај девојчето.
– Девојчето е во добра здравствена и општа состојба. Се работи од страна на стручен тим за нејзина психолошка понатамошна заштита – рече министерката.
Во врска со тоа дали станува збор за силување, рече оти како Министерство, ниту се надлежни, ниту потенцирале дали станува или не станува збор за силување.
– Ги замолувам сите медиуми, кога станува збор за ваков тип прашања, да не се избрзува со дефинирање, затоа што не секогаш работите се такви какви што изгледаат од првиот пат. Важно е да ги почитуваме зборовите што ги користи полицијата или јавното обвинителство, зашто станува збор за други полови дејствја, но откако ќе се утврди за што точно станува збор, јас најтранспарентно ќе ја користам реториката и зборовите што ги користат надлежните институции – додаде Царовска.
– МТСП ги дава на располагање сите потребни податоци кои на МВР му се потребни за истрагата, за да се утврдат елементите и да се утврди вината на целиот случај. Штом ќе имаме детали веднаш ќе излеземе со информација, изјави Мила Царовска – министер за труд и социјална политика.
Од опозициската ВМРО ДПМНЕ и денеска побараа Мила Царовска да си замине од, како што рекоа, ресорот за негрижа и партиски вработувања.
Во февруари беше обелоденето дека 13 годишна штитеничка од Домот 25 мај абортирала, откако со месеци била силувања и принудувана на проституција, а други две малолетнички останале бремени.