МАЛМЕД: Вакцините „ПРИОРИКС“ повлечени од Здравствените домови треба да се уништат


Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) информира дека при контролите во здравствените домови беа пронајдени 624 кутии на вакцини PIORIX (ПРИОРИКС) од производителот GlaxoSmithKline Biologicals S.A. – Ринсенсарт, Белгија со погрешни декларации, но рокот на самата вакцина и на внатрешното пакување се со важечки рок на траење и се безбедни.  Со повлекување на вакцината од Здравствените домови повикувајќи се на Законот за лековите и медицинските средства, согласно член 106 став 1 точка 5, оваа вакцина се смета за лек кој не е за употреба. Затоа МАЛМЕД  донесе решение да се уништат количините од оваа вакцина.

МАЛМЕД утврди дека во пунктовите за имунизација во јавните здравствени установи во Република Македонија, на овие вакцини има неусогласеност на податоците во однос на серискиот број и рокот на употреба наведени на оригиналното контактно и надворешно пакување на лекот од производителот и налепницата залепена на надворешното пакување на лекот која содржи податоци напишани на македонски јазик. Ова  е спротивно на членот 85 од Законот за лековите и медицинските средства. Уште едно прекршување на Законот според кој, овие вакцини мораа да бидат повлечени од Здравствените домови иако имаа важечки рок на траење.

Имајќи ги предвид горенаведените законски одредби, повлечените количини од лекот PIORIX (ПРИОРИКС) се со погрешна налепница и не може да се дозволи да се употребуваат, поради што истите ќе се уништат согласно член 146 став 1 точка 4 од Законот, според кој фармацевтски инспектор кој извршил надзор на лековите има право и должности да нареди уништување на неисправен лек во согласност со прописите за заштита на животната средина.