Малите и средни компании зијан 100 милиони евра
Одложувањето на либерализацијата на пазарот на електрична енергија, што владата на ВМРО ДПМНЕ го направи во октомври 2014, неполни три месеци пред стартот, ги чини малите и средни претпријатија над 100 милиони евра.
„Многу лесно може да ја направите пресметката. Тие сега плаќаат по 140-150 евра за мегават час електрична енергија, а доколку беа на слободен пазар ќе плаќаа не повеќе од 75 до 85 евра. Станува збор за негативен биланс на малите и средни претпријатија од повеќе десетици милиони евра на годишно ниво“, кажа вчера вицепремиерот Кочо Анѓушев.
Малите и средни компании требаше да купуваат струја на слободен пазар од јануари 2015 година, а одлуката на Владата ги затекна кога ги склучуваа договорите со снабдувачите, по цени пониски од важечките.Тогашниот министер за економија Беким Незири ја правдаше одлуката со заштита на стандардот на граѓаните, за кои исто така требаше да важи либерализацијата, укажувајќи дека за нив струјата ќе биде поскапа до 20 отсто.Сега Владата тврди дека либерализацијата ја прави струјата пазарна категорија, дека компаниите што досега се снабдуваа на слободен пазар добија минимум 40 отсто пониски цени и дека домаќинствата, како мали потрошувачи, нема да плаќаат поскапа струја.
„Цената на електрична енергија на домаќинствата е загарантирана со две работи. Ќе се воведе универзален снабдувач на кој ЕЛЕМ ќе има обврска да му дава 80 проценти од сопственото производство во 2019 година, а второ со воведување на категоријата енергетска сиромаштија за најранливата категорија на граѓани. Универзалниот снабдувач ќе биде избран на тендерска постапка, по донесување на Законот. Процентот што ЕЛЕМ ќе му го дава на универзалниот снабдувач ќе се намалува и во 2025 година, ќе изнесува 30 отсто“, објасни Анѓушев.
Универзалниот снабдувач ќе има цени на струјата утврдени по тарифникот на Регулаторната комисија за енергетика, и преку него ќе добиваат струја оние домаќинствата кои нема да изберат друг снабдувач. Законот предвидува тој да биде избран во рок од 90 дена откако новиот закон за енергетика ќе биде изгласан во Собранието.
Законот предвидува ЕЛЕМ да остане под Владата, МЕПСО да премине во надлежност на Министерството за транспорт и врски, а МЕР(Македонски енергетски ресурси) во Министерството за економија.
Анѓушев: Регулаторот е зависен од опозицијата
Со новиот закон завршува мандатот на актуелниот претседател на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Димитар Петров, а Владата, во рок од 30 дена, треба да предложи нов претседател и двајца членови на Комисијата.Ова, според Анѓушев, не е мешање на извршната власт во независноста на регулаторот.
„Согласно европските директиви, треба да се обезбеди ротација на комесарите на регулаторните тела. Дали ние имаме независна Комисија? Дали таа комисија која ја води човек кој претходно бил член на политичка партија, дава независност? Не. Во моментов Комисијата е зависна, но од опозицијата. Во РКЕ треба да седнат професионалци. Ќе има конкурс, на кој се надевам дека ќе се јават професионалци“, одговори Анѓушев.
(А.С.)