Макрон вети зголемување на минималната месечна плата за 100 евра


Францускиот претседател Емануел Макрон вети зголемување за 100 евра на минималната месечна плата во Франција што работодавците нема да ги чини ништо.

Во 13-минутен телевизиски говор, осврнувајќи се на барањата на движењето на „жолтите елеци“, францускиот претседател изјави дека прогласува „социјална и економска вонредна состојба“.

Макрон, исто така, соопшти дека планираните даночни зголемувања на пензиите нема да важат за оние со приходи помали од 2.000 евра.

– Работодавачите кои можат да си го дозволат тоа треба да им платат на своите работници посебен бонус на крајот од годината, кој ќе биде ослободен од даноци и социјални давачки, рече Макрон.

Макрон не се откажува од ослободувањето на данокот за најбогатите. Во своето обраќање тој не пропушти да каже дека постои гнев и незадоволство кај многу Французи. Оценувајќи дека тоа е оправдано, ги спомена самохраните мајки, пензионерите, работниците.

Тој уште на почетокот нагласи дека „мирот и поредокот во републиката мора да владеат“, нагласувајќи дека никое незадоволство не ги оправдува нападите врз полицајците, жандармите, продавниците или јавните згради, најавувајќи дека виновниците за ова насилство ќе бидат казнети.