Македонци со стил: Најдобро облечени јавни личности


Стилот е релативна и преценета работа. Во Македонија е повеќе загрижувачки феноменот на предрасуди, непочитување на правилата на облекување, на изглед и на однесување во сите сфери на јавното живеење и отсуство на професионална машинерија која ќе ве претстави во најдобро светло во јавноста. Стилот се врзува со убавината и обратно и дали некој ви се допаѓа или не. Дотераните и негуваните мажи се етикетираат за геј. Сексапилните пејачки – за ороспии. Имаме политичарки што не прават разлика меѓу приватна и официјална гардероба, па ги гледаме во парламентот во омилените парчиња гардероба кои се носат во вечерни часови. Поп и фолк-естрада, која не се натпреварува по гласот и облеката, туку по вишокот килограми и по суетата. Презентерки што со изборот на гардероба одбиваат наместо да привлекуваат гледачи, водители што се надмудруваат со гостите, наместо да го слушнат нивното мислење…

За правилно облекување треба да бидете свесни за експонираноста во јавноста, градот во кој живеете, животниот стил, години, телесни предиспозиции, карактерот и пригодата. А како да се облечете за соодветната пригода, е вештина. И без обѕир на финансиските можности, некому тоа му доаѓа природно, некому со годините, некој и понатаму учи на своите грешки кои се сѐ помалку, а некој тврдоглаво продолжува со грешките.

Мојот избор се експонирани јавни личности со стил во континуитет, кои не блеснале само еднаш на фестивал, на промоција, на седница или на излегување во град. Личности кај кои гардеробата е стил на живеење, а не парадирање со брендови.

Да оценуваш стил на естрадни личности и ТВ-лица во Македонија е неблагодарна работа. Повеќето се препуштени сами на себе, а не на професионалци. А и повеќето професионалци кај нас научиле еден рецепт, па сите јавни фаци ни изгледаат како клонови и на ТВ и на настани и во спотови. Од објективни, но и од субјективни причини, не гледам стилска приказна кај поп-пејачките која трае со години. Некои од нив кои постојано ми беа на врвот на најдобро облечени како Каролина и Дани, годинава блеснаа во одредени пригоди. Ретко ги гледавме на настани. Повеќе на социјалните мрежи. Има повеќе поп-пејачи со изграден стил по кои се препознатливи: Владо Јаневски, неприкосновено елегантен, Влатко Илиевски, пак, раскажува ненаметлива урбана стилска приказна.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска со својот избор на ја почитува Владата, но и јавноста. Внимава на линијата, со ненаметлива фризура и шминка, со парчиња облека кои се евидентно брендирани, ама ускладени со дрес-кодот на јавна личност од сферата на политиката. Децентна и едноставна и која со стилот нема да ве посрамоти во светот.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров е елегантен и едноставен. Со својот изглед дава до знаење дека во политиката е важен стилот на облекување. Како прв дипломат става до знаење дека ги почитува правилата на облекување. Неговите пријатели тврдат дека чевлите му се слаба точка, сака да ги носи во необични бои, иако од неодамна е виден и во елегантната, црна боја.

Стево Пендаровски, поранешен пратеник и претседателски кандидат, сега новоименуван национален координатор за подготовка на Македонија за членство во НАТО, импонира со својот стил кој е ненаметлив и едноставен. Секогаш е среден, независно дали е во костум со вратоврска или без вратоврска или во комбинација на џемпер со кошула. Неговата самоувереност и елоквентност се одразуваат и на изгледот, а сериозен шмек му даваат и добро избраните рамки на очила.

Актерот Никола Ристановски е импозантен со појавата, висината, изгледот, однесувањето и успехот. Вистински банкар од рекламата на Комерцијална банка. Елегантен, а лежерен, сакото како да е скроено за неговата фигура. Модата не му е важна, ама не прави модни гафови.

Водителката Лила Стојановска е пример како треба да изгледа водителка во шоу-бизнис. Гламур на сите страни.

Личности со стил: Дизајнерката Лиле Корубин е една од ретките жени која облеката ја носи како втора кожа, без никакво оптоварување и поза. Поетесата Гордана Михаилова-Бошнакоска има стил прочистен од експерименти, потсетува на холивудските диви од 30-тите. Балерината Тања Вујисиќ, кореографката Рисима Рисимкин, бизнисменката Олга Костовска, актерката Лабина Митевска, историчарката на уметност Викторија Васева-Димеска, сопругата на поранешниот премиер Љубчо Георгиевски, Снежана Георгиевска, манекенката Маријана Ацески, бизнисменот Божидар Јанковски… со својот стил секогаш се на врвот на мојата листа за најдобро облечени јавни личности.

Лејла Сабит