Македонците и преспанскиот договор
Никола Поповски
Сега е лето и голем дел од населението користи годишни одмори, повеќе или помалку се одмора од секојдневните работни и други обврски или, пак, е надвор од местото на постојано живеење, без разлика дали е тоа во својот роден крај, некаде во Македонија или во странство. Тоа придонесува вниманието и тензиите околу јавните и општествените проблеми и грижи до одредена мера да е намалено. Сепак, современите ИТ-технологии не дозволуваат целосна или значителна отсеченост на човекот од актуелните збиднување во светот и во својата земја.
Во такви услови се одвива и дебатата за оправданоста од постоењето на т.н. преспански договор, потребата од одржувањето на референдумот и конечно за начинот на изјаснувањето на веќе респишаниот референдум. Без разлика на сите конфронтации во општеството во врска со договорот, веројатно сите се согласуваат дека одлуката што ќе произлезе од него е многу сериозна и уште посериозно ќе влијае на долгорочната иднина на Македонија. Бидејќи до потпишувањето на договорот сериозна општествена дебата всушност и да немаше, природно е што дебатата со целата своја жештина се отвори сега и ќе кулминира во септември. Можеби ќе беше подобро таа да се одвиваше до моментот на потпишувањето на договорот, но тоа сега е веќе депласирано прашање и треба да се дадат одговори на предизвиците што се непосредно пред нас, а тие не се ни лесни ни наивни. Сосема обратно.
Деновиве од страна на невладината МЦМС се објави првото истражување на јавното мислење во врска со претстојниот референдум за името на нашата земја. Можеби тоа и не е прво истражување од тој вид, но секако е прво што јавно се објави. Како такво тоа заслужува соодветно внимание. До референдумот има уште 50-ина дена, но секое сознание за јавното мислење, макар и првично, е важно. Отсега па натаму секое ново истражување на јавното мислење ќе се компарира со резултатите од првото и така сè до конечните резултати од референдумот на 30 септември. Резултатите од анкетата на МЦМС се веќе објавени и доволно коментирани за да не се задржуваме на нив. Сепак, мислам дека е дозволен исклучок и можеби би требало да се задржиме на два, за мене, многу важни детали од тоа истражување.
Имено, на референдумското прашање: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на договорот меѓу Република Македонија и Република Грција“, во телефонската анкета само 27,4 отсто од етничките Македонци одговориле дека би гласале „за“, а дури 45,2 отсто одговориле дека би гласале „против“. Ваквите резултати не се со мала разлика и тоа недвосмислено значи дека веројатно во сите општини каде што во целина или во огромно мнозинство живеат етнички Македонци референдумското прашање би било отфрлено. Доколку резултатите од истражувањето се приближно точни, а нема голема причина да не веруваме во тоа, тогаш тие отвораат неколку многу сериозни прашања. Таквиот број на општини е голем, некаде над 50 и тие се сконцентрирани во источниот, централниот и јужниот дел од Македонија, како и повеќето општини од градот Скопје. Според истражувањето, во тие општини отфрлањето на договорот би било недвосмислено и со голема разлика. Тоа се општините каде што владејачката партија на последните локални избори доби недвосмислена поддршка и сето тоа наесен би донело до сосема поинаква политичка карта на Македонија. Имено, успешен референдум на кој етничките Македонци би биле во значителен број против договорот е сосема нова и предизвикувачка состојба која никој не би ја посакувал и со чии последици во иднина тешко дека би можело да се гради успешна иднина на Македонија.
Оттука, власта која е инспиратор и организатор на референдумот мора на него да пристапи многу внимателно и со голема доза на сериозност бидејќи ѝ преостануваат само уште 50 дена за да го убеди мнозинството етнички Македонци во исправноста на изјаснувањето во корист на договорот. Секој изгубен ден може многу да ја чини.
Дополнителен проблем е што ако се остварат предвидувањата од истражувањето тоа би можело да значи, иако не со голема сигурност, дека на идните локални избори сегашната опозиција која, патем, е противник на референдумското прашање, би можела да направи драматичен пресврт и да ги освои советите и градоначалниците, а на државните избори да извојува победи во најмалку 4 изборни единици. Со оглед дека името на нашата држава и договорот со Грција е едно од важните прашања со кои треба и секако ќе се занимава и претседателот на Македонија во иднина, ваквиот расплет би поттикнал многумина противници на договорот да се кандидираат на наредните претседателски избори во март идната година. Сè на сè, оние 45,2 наспроти 27,4 отсто би можеле да отворат многу сериозни прашања сега и во иднина.
Вториот важен детаљ е односот на младата популација кон договорот за кој треба да се изјаснат на референдумот. Власта сметаше дека младите „природно“ и од „прагматични“ па дури и од лукративни причини ќе се изјаснат во корист на договорот. Сепак, споменатото истражување на јавното мислење покажува дека 49,2 отсто од нив би гласале „за“, односно другата половина би гласала „против“, уште не знае како би гласала или ќе се воздржи од гласање. Со оглед на фактот дека истражувањето покажува огромна наклонетост на населението што припаѓа на другите етнички заедници кон договорот (етничките Албанци, на пример, би гласале за поддршка со 88 отсто), а другите етнички заедници статистички имаат релативно поголемо учество во младата одошто во вкупната популација, произлегува дека кај младите етнички Македонци поддршката е под тие 49,2 отсто, односно веројатно значително помалку од половината од нив би гласале „против“ или би имале сериозни дилеми во врска со договорот.
Ова е вториот момент на кој треба да се обрати големо внимание бидејќи властите во овој домен можат да бидат многу изненадени, особено во врска со нивните досегашни очекувања. Сигурно е дека не би биле воодушевени ако мнозинството етнички Македонци (мерено преку резултатите од референдумот во општините каде што тие живеат) и мнозинството од младите етнички Македонци (за што освен испитување на јавното мислење нема да имаме други соодветни и релевантни резултати) не се согласни со Договорот. Во тој случај политичките консеквенции би биле трауматични, а спроведувањето на договорот, де факто, многу проблематичен и можеби невозможен.
Конечно, ако истражувањето на МЦМС е коректно и ако води кон вистинското расположение на населението, односно гласачите, тогаш за оние што имаат голема причина референдумот да е успешен останува само едно нешто – брзо да се реагира и да се обидат своите аргументи да ги истакнат како најдобри и единствени. Друго веројатно нема. Се разбира, кога станува збор за аргументи, тие треба да се многу цврсти и суштински, а не како оние што сега неформално и срамежливо се промовираат (веројатно од страна на некои недефинирани и неформални ПР-тимови) и што повеќе личат на семинарски трудови на студенти од почетни години на студии отколку на сериозни проекти со издржани аргументи.