Македонско срце со шпански ритам
Македонија се избори за центар на внимание во досегашниот тек на Европското ракометно првенство. И по играта и резултатите на репрезентацијата и по навивачите во загрепска „Арена“ кои добија специјално видео од ЕХФ за начинот на бодрење на своите миленици. Очекувањата од „црвено-жолтите“, за волја на вистината, се однесуваа на пласман во главната фаза. Но, малку кој очекуваше дека селидбата во Вараждин ќе ја изведат на импресивен начин, како првопласирани и непоразени во групата Ц во конкуренција на европскиот шампион Германија и бронзената селекција од последниот мундијал, Словенија и со три бода ќе тргнат во лов на полуфинале.
Младите преземаат одговорност, се игра на гол повеќе
Македонската репрезентација демонстрира низа квалитативни моменти во досегашните мечеви со Германците, со Словенците и со Црногорците што доведоа и за резултатите на ЕП да бидат какви што се. Придобивките се, исто така, големи. Во прв ред е одличното вклопување на младите Талески, Кузмановски кои покажаа дрскост за преземање на одговорност, бескомпромисно да влезат во дуел, да изнудат прекршок, исклучување, но и да затворат во одбрана. Потоа е играта на гол повеќе и определбата на Раул Гонзалез да напаѓа со седум ракометари и во ситуација без исклучување. Борбеност воопшто не недостасува, како и срце, мирна глава, рака и заедништво. Засега се е подредено според замислите на селекторот и притоа одлично функционира.
„По подолго време имаме комплетна репрезентација. Сме имале одлични крила, кружни напаѓачи, средни бекови и Кире Лазаров како десен бек. Но, долго време бевме во очекување на лев бек по повлекувањето на Пепи Манасков. Сега ги имаме И Филип Талески и Филип Кузмановски и Филип Лазаров за рамнотежа на надворешните позиции, за растоварување на капитенот и за Филип Миркуловски. Младите се надополнуваат одлично со искусните и успешно се носат за предизвиците. Резултатите се плод на колективот, ефекто е очигледен. Борко беше одличен против Германија, Митревски претходно. Талески беше најефикасен со Германија, Кузмановски со Црна Гора“, вели Стојан Петрушевски, тренер на Вардар јуниор.
Раул внесе хемија во репрезентацијата
Петрушевски ја нотира и позитивната атмосфера во националниот тим за што заслуги упатува на сметка на Раул Гонзалез.
„Очигледен е мирот и стабилноста во тимот. Се знае кој игра, што игра и зошто е таму. Има хемија во репрезентацијата“, коментира Петрушевски и додава:
„Тоа се одрази и врз резултатите во првата фаза кои даваат реални шанси за полуфинале. Во прилог одат и неколкуте дена одмор до првиот нареден меч во Вараждин. А, таму очекувам триумф против Чешка и барем бод против Шпанија или Данска кои покажаа дека не се и непобедливи. Таков епилог сметам дека би бил доволен за полуфинале на Европското првенство“.
Германија не е на ниво на европски шампион
Германија пристигна во Хрватска во улога на бранител на тронот што го запоседна на шампионатот во Полска. Но, „панцерите“ во трите настапи во Загреб не покажаа убедливост каква што се очекуваше од нив како и препознатливата упорност. Освен против Црна Гора што лесно ја архивираа, се провлекоа со Словенија во, буквално, последната секунда со гол од пенал, а играчки идентични беа и против Македонија.
„Германскиот ракомет е како англискиот фудбал. Секојдневно имаме прилика да гледаме мечеви од ракометната Бундеслига која важи за најсилно национално првенство. Во германските клубови играат многу странци, Скандинавци, ракометари од поранешните ју-републики, Шпанци, итн. И тоа се одразува врз репрезентацијата како што е случај и со фудбалската на Англија чија Премиерлига важи за најквалитетна, а националниот тим нема забележителен успех на големите турнири“, коментира Петрушевски.
Чешка најпријатно изненадување, Унгарија непријатно
Изненадувањата на 13. Европското првенство во ракомет, Петрушевски ги лоцира во групата Д што се играше во Вараждин. Најпријатно, според него, е репрезентацијата на Чешка против која Македонија има одличен биланс во меѓусебните дуели, а најнепријатно е Унгарија.
„Очекував многу повеќе од Унгарија. Ова многу се однесува на минување на групата наместо освојување на последното место без освоен бод. Чесите, пак, се надминаа себеси. Ги совладаа Унгарците и Данците и покажаа дека нема непобедливи селекции на турнирот“, вели Петрушевски.
„Пласман во наредната фаза очекував и од Исланд, но Србија очигледно добро го анализирала противникот и Цветковиќ подготви соодветна тактика. На конечниот изглед на табелата, но и на ставот дека секој може да победи секого на првенството се надоврзаа и Швеѓаните со триумфот над Хрватска“, заврши Петрушевски.
Сашко Ѓ. Димовски