Македонско-грчка средба во Кавадарци: Ќе се отвора граничен премин Пуљевац


Кожуф и Поткожувјето, како еден од најубавите делови на општина Кавадарци, да не бидат  слепа точка и крај на светот туку поврзани со Европа и Република Грција, рече кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, по македонско-грчката средба во неговиот кабинет, на која се разговараше за граничен премин во Кавадаречко. Покрај пратеници од тиквешијата, на синоќешниот состанок беше и грчкиот парламентарец Сифакис Јанис.
„Разговаравме на таа тема, на наша заедничка иницијатива разработивме физибилити студија и врз основа на добрососедските односи и потпишувањето на Преспанскиот договор, сме веќе во завршна фаза да почнеме со техничка документација и одобрување на граничен премин Пуљевац, приказна од пред 20-30 години. Ова е од големо значење за двете страни и за движењето во овој и грчкиот регион од другата страна на границата. Очекуваме локален и економски бенефит, целокупен развој. Тоа многу ќе значи за нас“, рече Јанчев.
Во делот на развојот на туризмот е нагласено дека поврзувањето ќе значи поголема раздвиженост и повеќе туристи, враќање на живот во нашите села, услови за развој на бизниси.
Јанчев појасни дека Агенцијата за патишта за годинава има предвидено буџет од 50 милиони денари за реконструкција на постоечкиот пат Р108 од месноста Мушов Гроб до Мајден. Самиот премин планирано е да се финансира преку европски фондови.
Задоволство од средбата изрази и Сифакис Јанис.
„Премиерот Заев е позитивно расположен за овој граничен премин помеѓу Кавадарци и Аридеја. Во наредните два месеца се очекува да се потпише договор за отворање на премин и ќе се разговара за финансирање и имплементирање на тој проект. Од 27 километри од грчка страна, четири се со асфалт. Од 57 километри во Кавадарци, 43 се асфалтирани. Има поволна клима и овој пат многу ќе им помогне на двете земји, нагласи тој.
Патот за земјоделските производи, граѓаните и туристите, како што истакна, ќе биде скратен за сто километри.