Македонски уметници на изложбата „2001 Одисеја во вселената“ во Барселона


Филмскиот работник Јане Алтипармаков и фотографката Наташа Гелева се поканети на изложбата „2001 Одисеја во вселената – 50-та годишнина”, која од денеска ќе биде посатвена во Филмскиот музеј во Барселона.

Тие ќе ја претстават нашата културна сцена на покана од Јан Харлан, извршен продуцент на филмовите на Стенли Кјубрик и за изложбата ќе направат видео и фотоесеј што подоцна ќе биде презентиран во јавноста.

Се работи за јубилејна и ретроспективна изложба по повод половина век од официјалната премиера на култниот научнофантастичен филм на Кјубрик, кој од Американскиот филмски институт е прогласен за најдобар СФ-филм во историјата на кинематографијата.

Изложбата е составен дел од фестивалот „Кјубрик“ – иницијатива организирана од Фондацијата „Стенли Кјубрик“. Содржини на фестивалот досега беа поставени во Мексико, Данска, Германија, а и Македонија беше дел од фестивалот преку ревијата на филмови на Кјубрик минатата година на Скопскиот филмски фестивал.

На јубилејната, ретроспективна изложба во Барселона посетителите ќе може да видат дел од познатите артефакти од епскиот научнофантастичен филм и да проследат инсерти и фотографии од самото снимање.