Македонските кошаркари подобри од словачките во претквалификациите за ЕП 2021


Македонската кошаркарска репрезентација со победа ги започна претквалификациите за ЕП 2021. На гостувањето во Словачка, избраниците на Јорданчо Давитков ја совладаа домашната селекција со 74:66 (23:22, 21:8, 15:13, 15:23). По израмнетата прва четвртина, „црвено-жолтите“ ја затегнаа играта во одбрана, примија само осум поени и на полувреме заминаа со убедливи 44:30.

Предноста по 30 минути беше зголемена на 59:43, но Словаците со серија од 12:0 во последниот период ја вратија неизвесноста. Македонија по дури четири минути во четвртата четвртина ги постигна првите поени и во завршницата повторно имаше двоцифрена предност (70:58).

Најдобар во македонската репрезентација беше Ричард Хендрикс со 21 поен и 14 скока, а капитенот Војдан Стојановски постигна 20 коша.

Следниот меч во групата Б, Македонија го одигра на домашен терен во недела (26 ноември) против селекцијата на Швајцарија.