Македонска Каменица ќе троши пари за каранфили и бањарки за 8 Mарт


Општина Македонска Каменица планира за 8 Mарт, Денот на жената да подарува каранфили и бањарки. За таа намена ќе потроши околу 85.000 денари од општинскиот буџет. Кои дами ќе бидат почестени со општинското внимание, официјален одговор не добивме.

Во случајов, дама ќе подарува на дами, имајќи во предвид дека на чело на Општината е жена. Градоначалничката Соња Стаменкова, од утринава не беше достапна за коментар и објаснување за распишаната набавка. „Градоначалничката е на состанок“, во два наврата нѝ посочија од Општината. И покрај ветувањето, Стаменкова не ни се јави.

Во објавениот оглас е наведено дека Општината бара да купи 1.000 парчиња црвен каранфил, спакуван во шарен целофан. Општинарите процениле дека за нив ќе треба да плати 45.000 денари.

Истовремено, општинарите сакаат да набават и 23 парчиња женски фротирни бањарки со капа и колан. За нив ќе требало да платат не повеќе од 40.000 денари. (Д.Т.Д.)