Македонската елита сака накит: „Ребека“ дојде во Скопје


Отмено, без многу помпа, со шампањско и мирис од Тоскана, пристигна уникатниот италијански накит „Ребека“(Rebecca) во Македонија. Неговата префинетост, нежен на допир а изработен со најнови технологии, во стилот на италијанското благородништво од Фиренца, прво го почувствува на своја кожа поп-ѕвездата Каролона Гочева- Корубин, која на Инстаграм го промовираше, а синоќа, во Скопје го виде и избрана публика од сите сфери на живеење.

Ѕвезди, амбасадори, министри, бизнисмени, убави дами и дотерани господа му дадоа ексклузивен тон на отварањето на продажниот салон, единствен во Македонија, а трет во регионот, по Љубљана и Загреб.

Сопственичката, Ива Милошевска, дипломиран комуниколог и пиар експерт на универзитетот во Рим, примаше честитки, салонот го отвори италијанскиот амбасадор во Македонија Карло Ромео, а на настанот, присуствуваше и специјалната гостинка од Фиренца, Ребека Тести од „Industrie Testi S.P.A.“ од Фиренца, иноватор во областа на индустријата за накит, со мрежа од над 1500 продажни места низ светот.

Синоќа ја запрашавме, зошто Скопје е новата регионална дестинација за нивниот накит?

-А зошто не! Накитот како моден додаток, не е само уште едно забодено знаме во некој град или држава. Накитот спојува убави луѓе, на убави места, со вкус и стил кои знаат да распознаат знаење, наука и естетика. Многу ми е драго што се споивме со Ива и со нејзиното семејство, ни изјави вчера Тести, која пред отварањето изрази желба да прошета и да го види Скопје.

Лејла Сабит   Фото: Борис Грданоски