Македонската дијаспора тргна против Морган Фримен


Обединетата македонска дијаспора реагира на документарниот филм „Продавање лаги“ во режија на Лесли Ајверкс, а продуциран од актерот Морган Фримен. Документарец ја третира проблематиката со лажните вести, а во фокусот се тинејџерите од Велес кои во 2016 година беа обвинети за продуцирање на лажните вести кои влијаеле на претседателските избори во САД.
Претседателот на ОМД, Методија Колоски, вели дека во филмот треба да претстави и другата слика од Македонија.
„Да бидеме јасни: вклученоста на македонските компјутерски експерти во претседателските избори во САД во 2016 година наложува детална истрага и јавна расправа. Документарниот филм би требало да влијае токму во таа насока, да ја актуелизираат темата, за да се посвети многу поголемо внимание. Проблемот што го забележавме во најавата за документарниот филм е репрезентативноста на Македонија. Рустичната градба и трошните блокови не се единствената слика за Македонија. Тоа не е земјата која јас ја познавам, и искрено се надевам дека филмот ќе се осврне и на културното богатство, меѓу другите позитивни одлики на Македонија“, реагира Колоски и додава дека секоја земја во светот има помалку репрезентативни населени места со жители кои му пркосат на законот, затоа тој се надева дека филмот ќе изостави да ја претстави Македонија како назадна Балканска земја, во која секој би направил сè за пари.
Да се обвинат група тинејџери за исходот од претседателските избори во САД во 2016 година, Колоски смета дека е навредливо за секој со мало познавање во изборните принципи и практики.
„Сметам дека американската јавност не е неука за да може да поверува на се што протекува на интернет, и сметам дека американските медиуми се доволно стручни да ги процесираат вестите во нивното репортирање“, вели тој.
Директорката на ОМД, Вероника Томова, се надева на објективна претставеност на земјата преку овој документарен филм.
„Искрено се надевам дека документарниот филм ќе изостави да ја обвини Македонија за вмешаност во американско-руското ривалство и се надевам дека документарниот филм ќе овозможи објективна наместо субјективна претставеност на земјата“, вели Томова.
„Продавање лаги“ е краток документарец за тинејџерска мрежа во Македонија чии лажни политички вести имаа историско влијание врз американските претседателски избори во 2016 година. Филмот е во производство на компанијата „Ревелејшнс ентертејнмент“ на славниот холивудски актер Морган Фриман.
Режисерка на филмот е Лесли Ајверкс, која во 2006 година беше номинирана за „Оскар“ за краток документарен филм „Рециклиран живот“.
„Во 2016 година стотици македонски тинејџери открија начин како да шират лажни политички вести на Фејсбук. Овој редок поглед во социјалната мрежа ја открива вистината зад овие лаги и го прикажува драматичното влијание врз Америка и претседателските избори во САД“, велат од продукцијата.
Во техничката филмска екипа работеше и тетовецот Самир Љума, наш докажан фотограф и снимател.
Во документарецот се појавуваат експерти за медиуми, истражувачки новинари, како и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски. Во филмот, анонимно, зборува и едно од момчињата што ги создаваат порталите со лажните вести.
– Нашите комерцијални медиуми беа во лоша состојба со години. Тие млади деца од Велес пораснаа во атмосфера на лажни вести – вели Манчевски и додава дека во Македонија голем број од младите имаат развиено одлични вештини во сферата на ИТ, кои работат и заработуваат од дома.
Работата се состоела од создавање фејсбук-страници со многу членови. Таму се споделувале вестите во чии наслови се содржеле силни зборови, најчесто поврзани со Доналд Трамп. Имале илјадници групи и стотици веб-страници.
– Имале по илјадници посети во ист момент на една вест. Споделувале 24 часа дневно, работеле како машини – вели еден од експертите во документарецот.
Друг соговорник вели дека децата имале заработка и од 200 до 300 илјади долари месечно.
По изборите во САД во 2016 година, се слушна за тинејџерите од Велес, кои влијаеле директно на гласачите објавувајќи лажни вести.
Кратко, откако се дозна за скандалот, Велес стана центар на интерес на светските медиуми. (И.Н.)