Македонија ќе игра за пласман од 13 до 16 место


Желбите се едно, можностите друго, а реалноста е нешто трето. И сурово по ракометната репрезентација на Македонија која е елиминирана уште во првата фаза на Светското првенство во Германија и во Данска. Исланд го доби решавачкиот меч за третото место во групата Б со 24:22 и се смести меѓу најдобрите 12 на планетата. Заедно со Исланѓаните за Келн ќе продолжат и „црвено-жолтите“, но на разигрување за пласман од 13 до 16 место. Како потенцијални ривали за наредниот настап на мундијалот се Русија или Србија во зависност од конечниот расплет во групата А.

Победникот вчера попладне беше решен во второто полувреме во кое Македонија не постигна гол цели девет минути што на крајот се покажа како пресудно. Исланд, по стартното водство со 1:0, повторно се врати во позитива во 44 минута (17:16) и оттогаш цврсто ја држеше контролата во натпреварот.

За Македонија ова е трет пораз на СП 2019 по оние од Хрватска (22:31) и од Шпанија (21:32). На стартот беше совладана Јапонија со 38:29, а во второто коло и Бахреин со 28:23.