Македонија стана полноправна членка на Јадранско-jонската иницијатива


Македонија и формално стана полноправна членка на Јадранско – јонската иницијатива на состанокот на Советот на министрите за надворешни работи на оваа иницијатива што се одржа денеска во Катања, Сицилија.
Делегација од македонското МНР, предводена од државниот секретар Виктор Димовски, учествуваше на состанок на покана на министерот за надворешни работи на Италија, Анџелино Алфано, во улога на земја претседавач на Јадранско-Јонската иницијатива.
Како што соопшти МНР, во своето обраќање Димовски изразил задоволството што по повеќегодишни напори Македонија станува членка на оваа форма на регионална соработка. Тој нагласил дека ова е уште еден голем чекор напред за Македонија, која по минатогодишните демократски промени силно зачекори по патот на европските и евро-атлантските интеграции.

– Поаѓајќи од овие определби, новата влада, паралелно со крупните реформски чекори на внатрешен план, презеде интензивни активности за унапредување на односите и соработката со земјите од непосредното соседство, но и во пошироки регионални рамки. Со членството во Јадранско-Јонската иницијатива, Македонија ќе може заедно со останатите земји членки да го даде својот придонес во градењето солидни основи за процесот на европска интеграција, преку активниот придонес во приоритетните области во рамките на оваа иницијатива, како транспортот, туризмот, културата и животната средина, истакал Димовски.

Јадранско-jонската иницијатива е оформена во 2000 година со цел да го подобри развојот и да ја зајакне безбедноста на земјите во регионот, да ја засили соработката меѓу земјите-членки и да им даде поттик во процесот на интеграција со ЕУ. Во неа членуваат Италија, Грција, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Албанија, а од денека и Македонија.